Француската полиција уапси најмалку 65 лица за време на денешните протести на „жолтите елеци“ во Париз, јави ДПА.

Меѓу уапсените е и еден од лидерите на движењето на „жолтите елеци“, Ерик Друе.

Протестниот марш, во кој учествуваа околу 1.000 лица, што е значително помалку во споредба со претходните саботни протести во Париз, започна пред базиликата „Свето срце“ на Монмартр, по што демонстрантите се упатија кон авенијата на Елисејсите полиња, каде дел од нив се судрија со полицијата.

Според телевизијата БФМ, при судирите полицијата употребила солзваец и водени топови за растерување на демонстрантите.

На протестот, пак, во Версај, кој беше најавуван како еден од помасовните, според Франс интернасионал, се собрале само неколку десетици демонстранти.

Во Стразбур се собраа околу 100 лица, кои протестираа на мостот „Европа“, во близина на француската гранци со Германија, поради што беше предизвикан застој во сообраќајот меѓу двете земји.

Поради протести на „жолтите елеци“, застои во сообраќајот имаше и на патиштата во југозападна Франција, што водат кон границата со Шпанија.

Во пресрет на денешните шести по ред саботни протести на „жолтите елеци“, француската полиција за одржување на редот ангажираше околу 4.000 полицајци, од кои над 1.200 само во Париз.

На протсетите на „жолтите елеци“ минатата сабота учествуваа околу 66.000 лица, но по одлуката на претседателот на Франција, Емануел Макрон на почетокот на неделава да направи отстапки, кои вклучуваа и откажување од најавеното зголемување на таксите за горивата, протестните собири почнаа да губат на интензитет и масовност.

Инаку, билансот на жртви на протестите денеска се искачи 10, откако утрово почина возач што вчера удри во камион поставен на обиколница блокирана од „жолтите елеци“ во близина на Перпиња.