Во два самоубиствени напади во џамија и на пазар во градот Муби, североисточна Нигерија загинаа најмалку 37 луѓе.

– Пренесовме десетици убиени и повредени во болница, а спасувачката операција продолжува. Се уште е тешко да се утврди точниот број на жртви, бидејќи се уште ги евакуираме. Тука е хаос, изјави спасувачот Хабу Салех.

Според очевидци млад маж, кој на себе имал експлозив влегол во џамијата заедно со верниците и ја детонирал бомбата.

Вториот бомбаш самоубиец го активирал експлозивот на пазар, во близина на џамијата, во момент кога луѓето бегале од храмот.

Неименуиван болнички извор изјави дека до сега во болница се донесени 37 беживотни тела од двете експлозии.

Се претпоставува дека нападот е извршен од припадници на екстремистичката група Боко харам.

Претседателот на Нигерија, Мухамаду Бухари на средбата со американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа, изјави дека Боко харам е „ужасен проблем“ за Нигерија.

Градот Муби често е цел на напади на Боко харам, која дејствува во североисточна Нигерија. Во ноември минатата година на сличен начин беа убиени најмалку 50 луѓе.