Околу 30 лица се повредени откако автомобил влета во карневалска парада во западниот германски град Волкмарсен, соопшти полицијата. Регионалната телевизиска станица Хесеншау објави дека полицијата смета дека возачот, кој е идентификуван како 29-годишен германски државјанин, намерно влетал во толпата, но засега не се знае ништо за неговиот мотив, пренесе Ројтерс.

Локалните медиуми цитираа сведоци кои велат дека возачот намерно сакал да ги прегази децата и дека со голема брзина влетал во толпата која учествувала на традиционалната парада во пресрет на христијанскиот празник за Големиот пост.

На прашањето колку лица се повредени, портпаролот на полицијата во Регионалниот центар Касел вели дека има околу 30 лица. Весникот „Билд“ пренесува дека третина биле сериозно повредени. Полицијата на Твитер соопшти дека неколку лица се сериозно повредени, меѓу кои има и деца.

Како мерка на претпазливост полицијата ги откажа сите карневалски паради во германската држава Хесе, каде се наоѓа Волкмарсен, но велат дека не се запознати со други закани за безбедноста на граѓаните во другите делови на Германија.

Инцидентот се случи помалку од една недела откако напаѓач уби девет лица, во еден од најтешките расистички напади во Германија од Втората светска војна, а потоа ја уби мајка си и си го одзема животот.