Најмалку 21 рудар загинаа откако се урна рудник во северниот дел од Кина, во провинцијата Шанси. Локалните власти соопштија дека спасувачките екипи успеале да спасат 66 рудари, пренесуваат светските медиуми.

Иако бројот на несреќи во кинески рудници во изминатата деценија е намален, Кина и понатаму во врвот на листата по бројот на настрадани во рудници. Во декември седум рудари загинаа, а тројца беа повредени во инцидент во рудник за јаглен во југозападниот дел на земјата. Претходно, 21 рудар го загубија животот во источната провинција Шандонг, откако лани во октомври се урнаа карпи во рудник, блокирајќи го тунелот и заробените рудари. Спасувачките служби успеаја да извлечат само еден жив рудар.

Според кинеската Национална служба за безбедност во рудниците за јаглен, во 2017 година се регистрирани 375 смртни случаи поврзани со ископувањето јаглен, што е за 28,7 отсто помалку во споредба со годината претходно.