Најмалку 17 лица се повредени откако силниот тајфун „Трами“ го погоди јапонскиот остров Окинава, јавија светските медиуми.

Јапонските метеоролози предупредуваат дека бурата викендов ќе помине и низ останатиот дел од јапонскиот архипелаг.

На аеродромот во Наха, главниот град на префектура Окинава, откажани се околу 400 летови. Утре таму ќе се одржат избори за гувернер.

Компанијата за електродистрибуција „Окинава илектрик пауер“ соопшти дека околу 195. 000 домаќинства на Окинава и некои од соседните помали острови останале без електрична енергија.

Брзината на ветарот до окото на тајфунот во моментов изнесува 216 километри на час. Се очекува невремето утре да стигне до главните јапонски острови и да предизвика екстремна метеоролошка состојба во цела Јапонија.