Најмалку 110 лица загинаа денеска при уривање на авион од типот „Боинг 737-200“, набрзо по полетувањето од хаванскиот аеродром „Хозе Марти“.

Како што јави ДПА, авионот на мексиканската компанија „Дамох Аеролинес“, изнајмен од кубанскиот авиопревозник „Кубана де Авиасион“, бил на лет од Хавана до градот Олгин во источниот дел на Куба.

Според кубанските државни медиуми падот на авионот го преживеале само три лица. Во авионот имало 104 патници и девет членови на екипажот.

Претходно, кубанскиот претседател Мигел Диаз-Канел по посетата на местото на падот на авионот изјави дека има „голем број“ жртви.

Според Диаз-Канел, во авионот имало и деветмина странски државјани.

Се претпоставува дека станува збор за членовите на екипажот на авионот.

Авионот се урнал во 12:08 часот по локално време (18:08 по средноевропско време) во близина на селото Сантијаго де Ла Вегас, на околу 20 километри јужно од Хавана.

Кон местото на падот на авионот се упатиле полицајци, екипи на Брзата помош и противпожарни возила.

Причините за уривањето на авионот засега не се познати, но набрзо по инцидентот авиокопанијата „ Кубана де Авиасион“ приземји некои од нејзините летала.

Изминативе месеци „Кубана де Авиасион“ повлече од сообраќај неколку свои застарени авиони, поради што беше принудена да изнајмува летала од други авиокомпании.