Автомобил-бомба експлодира утринава на плоштад во градот Гардез, главниот град на источната авганистанска провинција Пактија.

Според портпаролот на гувернерот на провинцијата Пактија, Абдула Хасрат, експлозијата се случила во близина на канцеларијата на Авганистанската национална армија (АНА) околу 8:20 часот по локално време.

Портпаролот на 203 корпус „Тандар“, Ајмал Мохманд, изјави дека автомобил „мазда“ експлодирал пред да стигне до канцеларијата на АНА.

– Информациите засега се дека се убиени четири лица, а 10 се повредени, меѓу кои и цивили и војници – рече шефот на полицијата на Пактија, полковникот Султан Давуд.

Во меѓувреме, според Тарик Арен, портпарол на авганистанското Министерство за внатрешни работи, во утринската експлозија биле убиени и повредени десетици цивили. Тој додаде дека нападот го извршиле терористичката организација Лашкар-е-Таиба (ЛеТ) и мрежата Хакани, поврзана со Талибанците.