Најмалку осум лица загинаа во земјотресот со интензитет од 6,1 степени според Рихтеровата скала, што денеска го погоди централниот дел на Филипините.

Филипинските власти изразија стравување дека ова можеби нема да биде конечниот биланс на жртвите, затоа што се претпоставува дека се уште има затрупани лица под урнатите објекти.

Земјотресот бил на длабочина од околу 40 километри под површината на островот Лузон, на околу 60 километри од филипинскиот главен град Манила.

Сите загинати лица се во провинцијата Пампанга, која е најтешко погодена од земјотресот. Покрај загинатите, во оваа провинција се регистрирани и околу 20 повредени лица.

Во земјотресот се урнати или оштетени повеќе станбени и деловни објекти, а штети се нанесени и на сообраќајната инфраструктура, поради што во прекин или застој беше воздушниот, железничкиот и патниот сообраќај.

Првично беше соопштено дека земјотресот е со јачина од 6,4 степени според Рихтер.

Филипините се наоѓаат во пацифичкиот „огнен прстен“ каде има честа појава на земјотреси и вулкански ерупции.