Најмалку две лица загинаа откако експресен воз излета од шините во северна Италија, во близината на градот Лоди. Првичните информации говорат дека загинатите во несреќата се возачите на возот. Според италијанската полиција, во инцидентот се повредени неколку патници, меѓу кои и еден што добил сериозни повреди, пренесува Би-би-си.

Експресниот воз, кој достигнува брзина од 300 километри на час, патувал од Милано до јужниот град Салерно. Инцидентот, според истрагата, се случил кога возот удрил во вагон што се наоѓал на паралелната пруга, по што композицијата излетала од шините. Со возот патувале 28 патници, некои од нив добиле полесни повреди. Локалните власти соопштија дека инцидентот можел да заврши катастрофално, но оти поради малиот број патници бил избегнат поголем биланс на жртви.