Целата приказна за жената што работеше за Сталин е спакувана на 400 страници врвно четиво, кое како да е создадено за екранизација

„Агентката Соња: љубовница, мајка, војник, шпионка“, книгата што по публикувањето привлече големо внимание

Ноември 1930 година. Урсула Хамбургер, 22-годишна девојка што живее во својот дом во Шангај, тогаш екстремно жива и просперитетна метропола, трговски центар во кој нагрнуваа западњаци, е посетена од згоден човек со силен германски акцент, кој нема три прсти над левата рака. Урсула е воодушевена од посетителот. Германката има еврејски корени, родена како Урсула Кучински, образована и енергична, омажена за архитектот Рудолф Хамбургер, кој го искористи градежниот бум во Шангај за да ја покаже својата креативност и добро да заработи. Иако, како и неговата млада сопруга, тој бил строг комунист, сепак не ја споделува нејзината страст за градење „нов, поправеден светски поредок“.
Урсула не уживала во удобниот живот како што воделе странските жени во Шангај, кои ги опишуваше како „мали разгалени кутриња“. Затоа посетителот, во јавноста познат како новинарот Рихард Зорге, а всушност руски таен агент, лесно успеал да ја регрутира како шпионка со кодно име Соња. Наскоро станува и негова љубовница. Во текот на следните две децении, Урсула-Соња раѓа три деца, секое од различен маж, и живее во СССР, Швајцарија и во Велика Британија – во Лондон и рурален Оксфордшир. И секаде ќе се покаже како многу вешта во шпионажата.
Ќе го планира атентатот на Хитлер и ќе ги украде нуклеарните тајни на Западот. Кинезите, Јапонците, Германците, Британците и Американците, ФБИ, МИ5 и МИ6 ќе се обидат да ја спречат. Безуспешно. Неверојатната приказна за најспособната шпионка на 20 век ја стави на хартија Бен Мекинтајр, англиски новинар и писател, во чии нефантастични книги омилена тема се вистинските учесници во Студената војна, шпиони од средината на 20 век, тајни агенти со пеколни планови, предавници и херои.

Неговата книга „Агентката Соња: љубовница, мајка, војник, шпионка“ штотуку е објавена во Велика Британија, се продава брзо и е пофалена од критичарите како напнато и интригантно четиво. Мекинтајр за својата нова книга имал пристап до богат материјал – од дневникот, преписката и автобиографијата на Урсула Кучински, до правливите папки од архивите во Москва и во Лондон. Сето тоа е спакувано на 400 страници врвно четиво, кое едноставно мами за сценарио.
Нејзиното патување почнува во дваесеттите години од минатиот век во Берлин, каде што комунистите и нацистите речиси секојдневно се судираат по улиците. Тогаш има 16 години, кога за време на демонстрациите е погодена во глава од полициска палка. Иако е родена во добро стоечко секуларно еврејско семејство, во убаво соседство, и посетува угледни училишта, младата Урсула ја привлекуваат комунистичките идеи, пред сѐ затоа што ѝ се чинело дека комунистите се единствените подготвени за крвави пресметки со нацистите.
Нејзиниот татко бил левичар, интелектуалец, мајка ѝ била уметница, а таа го читала Маркс и ѝ се допаднала идејата за работничката утопија. Идеологијата била многу важна за Урсула и таа никогаш не се откажала од комунизмот, но Мекинтајр заклучил дека кај неа станува збор повеќе за некаква зависност од опасност отколку за спроведување идеи на дело. Учи за библиотекарка, работи во издаваштво, дури се усовршува во Њујорк, се враќа во 1929 година во Германија, се вљубува во Рудолф Хамбургер и се мажи за него.

Набрзо се сели во Шангај, каде што под туторство на Рихард Зорге ја почнува својата кариера како најдобра шпионка на Сталин. Таа во Шангај го раѓа своето прво дете, синот Мајк. Тој ќе стане преведувач, писател, драматург и еден од најголемите експерти за Шекспир во германското говорно подрачје. Книгата доста се занимава и со родителската страна на Урсула, бидејќи таа цел живот е растргната помеѓу мајчинството и должноста.
Кога Зорге ја регрутирал, била бремена во шестиот месец. Повеќето жени би помислиле дека шпионирањето е опасна работа додека го носат своето прво дете, но Урсула сметала дека бременоста е предност и одлично покритие за извршување на задачите. Од друга страна, единственото време што го поминала разделена од своите деца било кога го оставила двегодишниот Мајк кај баба му и дедо му, додека престојувала неколку месеци во СССР. Таму научила „шпионски работи“: ракување со радиостаници, шифрирање и „кревање во воздух пруги“.
Главната причина што нејзиното дете останало со нејзините родители во Швајцарија бил стравот дека детето може да научи некој руски збор и да ја стави мајка си во неволја. Потоа, дури и кога веќе има три деца, таа ги носи секаде со себе, бидејќи претпочита да ги изложува на опасности, отколку да е одделена од нив. По обуката во Советскиот Сојуз, таа се враќа кај сопругот и синот. За време на јапонската окупација на Манџурија, го запознава шефот на руските агенти со кодно име Ернст и со него има љубовна афера.
Забременува, а во летото 1936 година ја раѓа ќерката Jaнина или Нина, која нејзиниот сопруг ја прифаќа како свое дете. Патува во Москва, живее некое време во Полска и во 1938 година целото семејство се сели во Швајцарија, од каде што им испраќа информации на Русите и помага во организирање на вметнувањето агенти во нацистичка Германија. Тука завршува нејзиниот брак со Хамбургер. Се разведуваат во 1939 година, а набрзо се мажи за Британецот Лен Бартон, уште еден поддржувач на комунизмот и московски агент.

Бракот, кој треба да биде формалност, за Урсула да добие британско државјанство, ќе трае 50 години. Семејството се сели на Островот, каде што ќе се одвива најфасцинантниот дел од нејзината шпионска приказна, во живописното опкружување на едно англиско село. Нејзините родители исто така успеваат да избегаат од нацистите и се сместуваат во Оксфордшир, во близината на нивната ќерка. Жена со две, а од 1943 година, кога го раѓа синот Питер, три деца и сопруг што вредно заработува за живот (а подоцна заминува во војна како британски војник) е совршена домаќинка. Во еден момент приготвува вечера, а веќе во друг пренесува шифрирана информација до тимот во Кремљ, преку радиостаница лоцирана во надворешниот тоалет од нејзиниот дом во местенцето Грејт Ролрајт.
Малата слаба бринета, која на сите сега им е позната како Рут, најголемото внимание го привлече со тоа што совршено ги совлада рецептите на омилените англиски десертни печива, кои сите ги обожаваат. Летото 1942 година, во нејзината шпионска мрежа влета вистински капиталец, Клаус Фукс. Тој е теоретски физичар, кој во 1941 година станува дел од британскиот тим што работи на создавање нуклеарно оружје. Нивната база се наоѓала во Харвел, недалеку од домот на Урсула.

Ги поврзува братот на Урсула, Јирген Кучински, кој бил истакнат економист и со години предавал на Лондонската школа за економија. Тој го убедил Фукс да им обезбеди на Русите што повеќе информации за проектот „Менхетн“, а неговата сестра му станала врска. Како што пишува Мекинтајр во својата книга, Урсула на некој начин била заслужна за неверојатната смиреност на Сталин кога Хари Труман на конференцијата во Потсдам од 1945 година му рекол дека има ново моќно оружје. Рускиот лидер одамна ги имал добиено сите важни информации преку Урсула-Соња и нејзиниот тим.
Во 1947 година двапати била испитувана од членовите на безбедносната служба МИ5, а притоа ништо не било пронајдено. Мекинтајр пишува дека се извлекла од тоа затоа што во таа служба не можеле да поверуваат дека една домаќинка може да биде вешт шпион. Иако нивната агентка тврдеше дека нејзината домаќинка е сомнителна, колегите одмавнуваа со раката кон „женската интуиција“ и тука заврши приказната. Сепак, таа почнува да се чувствува непријатно. Нејзините родители починаа и беа погребани на гробиштата во Грејт Ролрајт, а таа им рече на соседите во март 1950 година дека мора да патува „за да среди некои работи околу имотот“ и побегна од Велика Британија.
Сопругот пристигнува во јули, а во ноември Клаус Фукс им признава на британските тајни служби дека е советски крт и завршува во затвор. Урсула се враќа во родниот Берлин, се разбира во источниот дел, во ГДР. Покрај атомската бомба, која претставуваше најголем успех во работењето, набавува и други одлични работи за Русите, на пример детали за британската радарска технологија на подморници и планови за истоварување тенкови.

Исто така книгата на Мекинтајр првпат ја открива доста неочекуваната реакција на британската тајна служба при сознанието за вистинската улога на дамата што пече фини колачи. Имено, откако бега во ГДР, Урсула и нејзиниот брат Јирген имаат многу проблеми. Антисемитското расположение почнува да цвета во озлогласената Штази. Шефот на Одделот за контраразузнавање МИ5 им се обраќа на шефовите предлагајќи неговите агенти да им пристапат со понудата: „Вратете се, сѐ ви е простено“.
„Овие луѓе сигурно имаат вредни информации за руската шпионажа, па затоа вреди да сториме сѐ што можеме за да ги придобиеме, а со тоа и нивните информации. Свесни сме дека нивниот страв од неизвесна иднина под комунистичкиот режим е помал од стравот од законски и други казнени активности од британските власти. Направете сè што треба за да ги ублажите“, напиша агентот. Одговорите на прашањето што се случило понатаму лежат во архивите на друг дел од тајната служба МИ6, кои не се достапни за јавноста.
Кучински не се вратија во Велика Британија. Поранешната г-ѓа Бартон стана Рут Вернер. Во нејзиниот нов живот зад железната завеса, таа работи во неколку владини институции, а потоа станува новинарка и писателка. Таа го следи патот на многу нејзини колеги, како на пример Греем Грин и Сомерсет Мом. Напишала 14 книги, претежно за тинејџери, црпејќи инспирација од сопствените искуства. Некои од нив се всушност тајни автобиографски приказни за нејзините авантури и љубовни подвизи од Кина до Швајцарија.
Во Источна Германија била попозната како писателка отколку како жена што воспоставила рамнотежа на моќта помеѓу Исток и Запад од почетокот на Студената војна, овозможувајќи им на двете страни да имаат најразорно оружје во историјата на човештвото. Друг детаљ од книгата на Мекинтајр за кој сите зборуваат е улогата на Урсула во планирањето на атентатот во 1938 година врз Адолф Хитлер, во режија на советската тајна служба ГРУ, претходникот на КГБ. Според нејзиниот план, Хитлер требало да заврши во еден од своите омилени ресторани во Минхен, каде што јадел најмалку трипати неделно.

Имено, Александар Фут, еден од најблиските соработници на Урсула и познат советски шпион, роден во Советскиот Сојуз, вечерал во ресторанот „Остерија Баварија“, кога таму се појавил Хитлер со својата придружба. Фут забележал дека телохранителите на Хитлер не биле премногу внимателни тука. Тој сметал дека е можно да се постави бомба во куфер покрај преградата помеѓу главниот дел од ресторанот и приватниот салон и да се крене во воздух Хитлер или да се застрела додека поминува низ ресторанот. Урсула сметала дека планот е одличен и им го претставила на газдите во Москва, од каде што добила зелено светло. Иако агентите се фрлија на планирање и сè беше подготвено, Сталин го запре планот.
Повеќето критичари велат дека книгата во целост е возбудлива и интересна приказна, но сè уште има прашања што Мекинтајр само површно ги допрел: Како оваа брилијантна жена можела да биде во служба на еден од најголемите злосторници во историјата и на неговите наследници, особено откако видела дека нејзините пријатели, па дури и нејзиниот прв сопруг, завршуваат во гулаг? Како можела да гледа како нејзиниот град е поделен на два дела и да ги оправда насилството и диктатурата во ГДР?
Судејќи според сѐ, Урсула-Рут-Соња, која починала во 2000 година во Берлин на 93-годишна возраст, никогаш не се сомневала во своите цели. Никогаш не жалела за стореното, ниту пак ја осудила комунистичката диктатура. Таа до крајот беше подготвена да жртвува сè за сонот изграден врз лаги. На прашањето што мисли за тоа дека е наречена најдобрата шпионка на Сталин, таа лаконски одговорила: „Јас само пренесував пораки“.