Истражителите ја пронајдоа црната кутија од авионот на компанијата „Ер Индија експрес“, кој во петокот со 190 патници се излизга од пистата и се преполови на аеродромот во индискиот град Керала. Потрагата по црната кутија траеше речиси 48 часа, при што надлежните соопштија дека е вистинско чудо што воопшто била пронајдена. Вчера, по пронаоѓањето на црната кутија, портпаролот на Министерството за цивилна авијација, Раџив Џаин, соопшти официјално дека во авионот имало 174 возрасни лица, 10 деца, двајца пилоти и четири члена на посадата.

Во исто време, Амитаб Кант, шеф на владината комисија за планирање, рече дека можна причина за излизгувањето и несреќата на авионот е што пистата се наоѓа на рид со длабоки засеци од двете страни, што го отежнува слетувањето на авионите.
– Инцидентот се случил поради силен дожд и слаба видливост, ова е навистина страшно и ќе сториме сѐ да ги изнесеме во јавност вистинските показатели за несреќата – изјави тој.

Инаку, во несреќата на авионот на „Ер Индија експрес“, фирма што е разгранок на компанијата „Ер Индија“, во која, како што пренесоа медиумите, загинале најмалку 18 луѓе, е најтешка несреќа со патнички авион во земјата уште од 2010 година.