Протести се одржаа во над 75 града, а уапсени се над 4.000 лица

Речиси цела недела не стивнуваат насилните протести во САД предизвикани од смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд при апсење од полицијата во Минеаполис

Полициски час е воведен во речиси 40 града во САД по безредијата предизвикани од смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд при апсење од полицијата во Минеаполис, но голем број луѓе ги игнорираа ограничувањата што доведе до нови судири со полицијата. Судири меѓу двете страни имаше во Њујорк, Чикаго, Филаделфија и во Лос Анџелес, каде што полицијата со солзавец и со гумени куршуми ги растеруваше демонстрантите. Во многу градови се запалени полициски возила и се ограбени десетици продавници.
Националната гарда, резервниот состав на вооружените сили на САД за домашни вонредни состојби, соопшти дека 5.000 нејзини припадници се активирани во 15 сојузни држави и Вашингтон, каде што демонстрантите повторно се собраа пред Белата куќа и палеа огнови и фрлаа со камења кон безбедносните сили.

Полицијата во Вашингтон со солзавец ги растеруваше демонстрантите што запалија имоти во близината на Белата куќа, меѓу кои и една црква.
Се појави вест дека во немирите во петокот во ноќта, претседателот Доналд Трамп за кратко време бил однесен од тајната служба во подземен бункер во Белата куќа, заради неговата безбедност.
Западните медиуми коментираат дека ова се најголеми расни тензии и граѓански безредија уште од атентатот врз афроамериканскиот свештеник, борец за граѓански права и нобеловец, Мартин Лутер Кинг, во 1968 година.
Протести се одржаа во над 75 града, чии улици до пред една недела беа пусти поради пандемијата на коронавирусот, а сега може да се види како демонстранти маршираат рамо до рамо.

Случајот со Флојд го повтори гневот поради полициските убиства на Афроамериканците. За многумина, бесот, исто така, рефлектира години на фрустрација поради социоекономската нееднаквост и сегрегација, особено во самиот Минеаполис, каде што почина Флојд.
Во многу градови може да се видат вандализирани и запалени полициски возила. Во Филаделфија, локалните ТВ-станици објавија луѓе како кршат полициски автомобили и ограбуваат продавници, а американскиот претседател на Твитер објави: „Закон и ред во Филаделфија, сега! Тие ограбуваат продавници. Повикајте ја нашата голема Национална гарда“.

Најмалку 4.100 лица се уапсени за време на неколкудневните протести, според агенцијата „Асошиејтед прес“. Апсења се извршени за разни прекршоци, од грабежи и блокирање автопатишта до прекршување на полицискиот час.
Во Минеаполис, возач на цистерна е уапсен откако, наводно, пробил бариера и се забрзал кон демонстрантите што марширале по главниот автопат. Лицето е обвинето за напад, пренесе Си-ен-ен. На снимки објавени на социјалните медиуми се гледа како десетици луѓе го опколуваат возилото и го извлекуваат возачот од зад воланот, откако запрел. Тој подоцна бил однесен во болница со полесни повреди. Нема извештаи за други жртви.

Гувернерот на Минесота, Тим Волц, изјави дека мотивот на возачот е нејасен и нагласи дека е неверојатно што инцидентот не завршил трагично, со голем број жртви.
Во Денвер, илјадници луѓе протестираа мирно, лежејќи со лицето на плочникот и со рацете на грб, додека извикуваа „Не можам да дишам“, како што извикувал и починатиот Флојд при апсењето од полицијата во Минеаполис.
Големи протести се случија и во Атланта, Бостон, Мајами и во Оклахома Сити.

Исто така, имаше неколку инциденти во кои полицијата реагирала „непропорционално“ кон демонстрантите. Во Атланта, двајца полицајци се отпуштени поради употреба на прекумерна сила врз двајца студенти.
Во Минеаполис, отпуштениот бел полицаец Дерек Шовин (44) е обвинет за убиство на Флојд на 25 мај и вчера требаше да биде изведен пред судија, но тоа е одложено за 8 јуни. Според извештаите, полицијата била повикана откако Флојд се обидувал да плати со фалсификувани 20 долари во продавница. Полицајците се обидувале да го стават во полициското возило, кога тој паднал на земја и им рекол дека е клаустрофобичен. Според полицијата, тој давал отпор.

Во еден момент, полицаецот Шовин клекнал врз вратот на Флојд, кој може да се слушне како извикувал „те молам, не можам да дишам“ и „не убивај ме“.
Според првичната обдукција, полицаецот клечел врз вратот на Флојд речиси девет минути, речиси три минути откако Флојд не давал знаци на живот. Тој подоцна бил одведен во болница, каде што бил прогласен за мртов. Адвокат на семејството на Флојд го обвинува полицаецот за убиство со предумисла.


Страв од ширење на ковид-19 меѓу демонстрантите

Гувернери, градоначалници и здравствени експерти во САД предупредуваат поради опасност од ширење на коронавирусот меѓу демонстрантите што протестираат против расизмот и полициската бруталност по смртта на Џорџ Флојд.
Според податоците на универзитетот „Џонс Хопкинс“, САД имаат околу 1,8 милион инфекции и над 100.000 смртни случаи на ковид-19. Во земја што нема универзална здравствена заштита, кризата непропорционално ги погодува малцинствата, особено оние што живеат во преполни урбани области. Според здравствените власти на Џорџија, многу повеќе Афроамериканци имаат ковид-19 во однос на која било друга расна заедница во САД.

Сликите од демонстранти во непосредна близина, многумина без маски, ги алармираа лидерите, а некои од нив ги повикаа оние што протестираат да го сторат тоа на „исправен начин“.
– Ако протестиравте минатата ноќ, веројатно треба неделава да се тестирате за ковид-19 – изјави Кеиша Ленс-Ботмс, градоначалничката на Атланта.
Ашиш Ја од Харвард вели дека прашањето е како да се протестира безбедно и посочува дека маските се клучен елемент.
– Ги охрабруваме лицата што учествуваат на протести да носат маска, да практикуваат соодветна хигиена и, ако е можно, физичко дистанцирање, иако знаеме дека тоа не е секогаш изводливо – вели д-р Теодор Лонг.


Трамп засолнет во бункер

Додека во петокот вечерта беснееја протести пред Белата куќа, агенти на тајната служба го одвеле американскиот претседател Доналд Трамп во специјален подземен бункер, кој во минатото се користел при терористички напади, открива „Њујорк тајмс“. Бункерот може да издржи експлозија при евентуално уривање на патнички авион врз Белата куќа. Тоа е истиот бункер во кој бил засолнет американскиот потпретседател Дик Чејни при терористичките напади во САД на 11 септември 2001 година.


Кина ја обвинува Америка за „лицемерство“

Кинески функционери и државни медиуми ја искористија можноста да направи паралела на протестите во САД и протестите во Хонгконг, поради кои Вашингтон жестоко го критикуваше Пекинг. Кина сега ги обвинува САД за „лицемерство“ и му порача на американскиот претседател Доналд Трамп да не се криел зад тајната служба туку да излезел и да преговарал со нив, исто како што барал од Кина да преговара со демонстрантите во Хонгконг, пренесува „Гардијан“.