Сојузната полиција утрово врши претреси во становите и борделите ширум Германија, а акцијата е насочена против банди кои од странство криумчареле луѓе и потоа ги принудувале на проституција.

Полицијата досега привела преку 100 луѓе, а станува збор за најголема полициска акција против организираниот криминал во историјата на сојузната полиција.

– Стотици жени и мажи биле изложени на бескрајната алчност на трговците со луѓе – коментираше германскиот министер за внатрешни работи Хорст Шехофер.

Во акцијата учествуваат повеќе од 1.500 полицајци.

Главни осомничени се една жена од Тајланд и нејзиниот 62-годишен сопруг Германец. Тие се товарат дека од Тајланд во Германија со лажни визи доведувале жени и трансродни лица и ги принудувале на проституција, при тоа одземајќи им ги приходите.

Против вкупно 56 лица е покренато обвинение заради криумчарење на луѓе, принудување на проституција, кражби и даночни затајувања.