Компанијата „Коболд металс“, зад која стојат инвеститори што се меѓу најбогатите луѓе на светот, како Бил Гејтс, Џеф Безос, Мајкл Блумберг и Реј Далио, потпиша договор со лондонската фирма „Блуџеј мајнинг“ за истражување и вадење метал од подрачјето на средниот и западниот дел на Гренланд, информира „Ројтерс“.
Во регионот познат како Диско-Нусуаг ќе се истражува со помош на алгоритми на вештачка интелегенција за наоѓалишта на никел, бакар, кобалт и платина. Инвеститорите претпоставуваат дека овие метали ќе бидат користени за производство на батерии во електричните возила. Овие возила се сѐ популарни, а во Европската Унија до 2035 година ќе се забрани продажба на возила на бензин, дизел и на гас поради нивното влијание на загадувањето и климатските промени, пренесува „Геополитика њуз“.
Во почетните истражувања прво ќе се анализира составот и геоморфолошките белези на почвата. По објавувањето на информацијата за идните планови на Гренланд, акциите на „Блуџеј мајнинг“ пораснаа за 26 отсто. Од оваа компанија тврдат дека прелиминарните истражувања покажале дека овој регион настанал под ретки геолошки и вулкански услови, слични на руската регија Норилск, од каде што се експлоатираат големи количества никел и паладиум.
Експлоатацијата на природните ресурси веќе предизвикаа контроверзии кај населението на Гренланд и биле одржани неколку референдуми во оваа автономна област, која е под данската круна. На Гренланд има околу 56 илјади жители. Тие најмногу реагираат за ископувањето на ураниумот.