Сер Џим Ретклиф, најбогатиот Британец и еден од водечките поборници за брегзит, ја напушти Велика Британија и се пресели во Монако, пренесува „Гардијан“.

Ретклиф, чие богатство се проценува на 17,5 милијарди фунти и официјално како свое живеалиште го регистрирал Монако, град-држава која веќе стана дом на многу богати Британци.

Според „Гардијан“, се проценува дека оваа промена ќе му донесе заштеда од околу четири милијарди фунти, кои Ретклиф нема да мора да ги плаќа како даноци. Оние што живеат во Монако најмалку 183 дена во годината се ослободени од плаќање данок на имот и приход. Од друга страна, весникот потсетува дека во Велика Британија највисоката даночна стапка за приходи повисоки од 150.000 фунти годишно е дури 45 проценти.

Пред официјално да се пресели во Монако, Ретклиф беше трет на листата на најголеми даночни обврзници во Велика Британија, со платени 110 милиони фунти во текот на 2017 и 2018 година.

Ретклиф е хемиски инженер кој покрај дипломата за хемија има завршено и менаџмент на Лондонската деловна школа. Во 1998 година го формира „Инеос“ и брзо почнува да се шири во петрохемијата купувајќи поранешни делови на „Бритиш Петролеум“.