Во главниот град на Белорусија се одржа т.н. „женски марш“, кој опозицијата го најави како пробна инаугурација на Светлана Тихановскаја за претседателка на земјата.

На протестот против владеењето на актуелниот претседател Александар Лукашенко, според официјалните податоци биле уапсени повеќе од 10 демонстранти, но организациите за човекови права тврдат дека биле уапсени речиси 50 лица, главно жени.

Белоруската опозиција планираше денешните протести да се одржат во близина на Плоштадот на победата.

Саботниот „женски марш“ беше објавен како проба за инаугурацијата на Светлана Тихановскаја, противникот на Лукашенко на изборите кои се одржаа во август.

Група жени скандираа „Наш претседател е Света!“, мислејќи на Тихановскаја.

Од претседателските избори одржани на 9 август во Белорусија речиси секојдневно се одржуваат масовни протести.

Според официјалните податоци, победата легитимно му припаѓа на долгогодишниот лидер Лукашенко, но опозицијата тврди дека изборите биле наместени.