За време на консултациите за ситуацијата во Авганистан, сојузниците на НАТО денеска го осудија насилството што ескалираше со офанзивата на талибанците во таа земја и рекоа дека остануваат посветени на поддршка за политичкото решение на конфликтот.

Како што е наведено во соопштението по состанокот, Северноатлантската алијанса продолжува да ги оценува случувањата на терен и е во постојан контакт со авганистанските власти и остатокот од меѓународната заедница.

Целта на НАТО е непроменета и пактот настојува да ги поддржи авганистанската влада и безбедносните сили колку што е можно, а безбедноста на персоналот на НАТО е примарна задача за Алијансата.

НАТО нагласи дека ќе задржи дипломатско присуство во Кабул и дека ќе се прилагоди на ситуацијата доколку е потребно.

Сојузниците соопштија дека се длабоко загрижени за високото ниво на насилство предизвикано од офанзивата на талибанците, која вклучува напади врз цивили, насочени убиства и извештаи за други сериозни прекршувања на човековите права.

– Талибанците мора да разберат дека меѓународната заедница нема да ги признае ако ја преземат земјата со сила – се заклучува во соопштението на НАТО.

Талибанците денеска ја вратија контролата врз голем дел од Авганистан, откако зазедоа главни градови на уште четири провинции во молскавичната офанзива која постепено го опкружува Кабул, само неколку недели пред САД официјално да го завршат повлекувањето на трупите.