Низата кризни ситуации по Авганистан, поделбите во сферите на интереси меѓу земјите-членки на НАТО околу Украина, како и последниот воено-дипломатски скандал за купопродажбата на француските подморници, сериозно ги нарушија меѓудржавните релации на повеќето западни сојузници во Алијансата. Овие поделби, според експертите, во моментов создаваат дилема околу тоа колку всушност е функционална најголемата воена алијанса

Се почести антагонизми меѓу членките на воената алијанса

Најмоќната воена алијанса во светот, НАТО, изминатиов период се наоѓа во состојба за која многумина забележуваат дека од вообичаените несогласувања се преминува на повисоко ниво на антагонизам. Аргументи што ѝ одат на рака на ваквата констатација се, пред сѐ, нарушените релации меѓу сојузниците при процесот на купопродажбата на воените подморници меѓу Австралија, Франција и САД, но и силните поделби и критики внатре во сојузот, кои не стивнуваат по повлекувањето од Авганистан.
Светските медиуми, анализирајќи ги последните случувања на оваа тема, пишуваат дека врските за пријателство меѓу европските членки во НАТО кон САД и обратно во моментов се на ниско ниво како никогаш досега.
Универзитетскиот професор од Чешка, Михаил Вит, анализирајќи ги актуелните состојби во НАТО, за „Нова Македонија“ истакнува дека случувањата во сојузот се многу посериозни отколку што изгледаат.
– Мислам дека постојат две појдовни точки од кои може да се гледаат настаните за вистински да се разберат. Првиот аспект се однесува на давањето одговор на прашањето колку широки пукнатини во сојузот предизвика заминувањето на Британија од ЕУ, ако се знае дека оваа држава во овие моменти си ги заштитува единствено своите интереси и не се грижи за интересите на другите европски земји, тука пред сѐ мислам на безбедносните прашања во Алијансата. Втората точка на која треба да се најде одговор е како да се залечат раните во дипломатијата на НАТО, кои веќе неколку години се отворени поради различните интереси за дејствување на сојузот по низа прашања поврзани со Русија, Авганистан, Сирија, Кина… – вели професорот Вит.
Според него, судирот на Европејците предводени од Франција со САД е очигледен и тој прераснува во традиција.

– Сето ова заедно носи до заклучок дека Алијансата не е онаа истата од времето на Студената војна и таа сега има длабоки поделби, кои од ден на ден сѐ повеќе се засилуваат – резимира Вит.
Слично размислува и Хенри Волсон од Центарот за етика и јавни политики во САД, кој во својот осврт на случувањата, во колумна за „Вашингтон пост“, истакнува дека голем број јавни анкети за состојбите во кои се наоѓа Алијансата покажуваат резултати дека сојузниците од Европа имаат различни ставови за НАТО од Американците.
– Анкетите од 2020 година, но и од почетокот на оваа година треба да ги загрижат и американските и европските лидери – вели Волсон.
Тој истакнува дека она што е заедничко во сите сондажи на јавното мислење е дека јавноста во Европа има суштински разлики во своите интереси во Алијансата од оние на САД.
– Тоа покажува дека постои двоумење во вклучувањето на Алијансата во конфликтите во светот – заклучува Волсон.
Воено-политичкиот аналитичар Милан Стефановски, пак, напоменува дека состојбите не се толку негативни колку што навидум изгледаат. Тој објаснува дека овие турбуленции не се ништо ново за Алијансата, бидејќи таа е составена од демократски земји, кои честопати досега изнесувале различни ставови околу различни прашања по кои дејствувало НАТО.

– Моменталната состојба може да биде и добра основа за заздравување на НАТО, бидејќи изнаоѓањето на решението околу безбедносните дилеми во Авганистан и на Пацификот заедно со непостоењето на Доналд Трамп на политичката сцена се момент што може да создаде клима за формирање посилно НАТО од она што тоа е сега – вели Стефановски.
Експертот заклучува дека Алијансата е на светската сцена повеќе од 70 години и во својата бурна историја преживеала многу потешки моменти од сегашниве.