Во ЕУ постои општа согласност дека сојузот треба да се реформира зашто во ваков облик не би можела да издржи уште една криза. Но нема консензус како да се направи тоа. Едни сметаат дека тоа може да се случи со поголема, а други со помала интеграција. Трети, пак, како аналитичарите на „Геополитика“, прогнозираат дека ЕУ ќе се моделира според интересите на САД

ЕУ е на крстопат. Првпат во својата историја таа се подготвува да се збогува со една своја членка, Британија. Еврооптимистите веруваат дека со претстојните трансформации ЕУ уште повеќе ќе зајакне. Евроскептиците, пак, ѝ предвидуваат дека може да се распадне ако не се направат успешни реформи и ако не се надминат поделбите. Последниве предупредуваат дека ЕУ во овој облик не би можела да издржи уште една голема криза, без разлика дали станува збор за мигрантска или за финансиска. Но прашањето на како да се реформира нема единствен одговор.

Едни сметаат дека ЕУ треба да ги засили интегративните врски за сметка на националниот суверенитет на членките, a други ја замислуваат ЕУ во иднина како лабав сојуз меѓу држави, кои сами ќе избираат колку ќе се интегрираат. Трети, пак, оценуваат дека европските елити (не)намерно ја довеле ЕУ до работ на целосен економски и политички колапс, со што им дале на САД алиби активно да се мешаат во европските реформи со образложение дека така ги штитат „западните геостратегиски интереси“.

Аналитичарите од „Геополитика њуз“ сметаат дека САД се промовираат себеси како неизбежен спасител на ЕУ од кризите, кои „Вашингтон плански и контролирано ѝ ги намести на Европа“. Според нив, разни аналитичари од САД сега најавуваат нов „активен пристап на американската политика кон Европа“. Така, на пример, Џорџ Фридман, директор на „Стратфор“ во интервју за „Еурактив“ предупредува дека ЕУ е „неуспешен проект, без јасна алтернатива“ за кој мора да се бара решение. Според него, најголем проблем за САД е неспособноста за донесување одлуки во ЕУ што било особено видливо за време на кризите.

– САД ја гледаат Европа во поширокиот контекст на Евроазија. Целиот простор меѓу Атлантикот и Пацификот е во криза. САД ја анализираат Европа низ призма на тие проблеми. Ние сме партнери со Европа преку НАТО и сите односи и тензии од ЕУ се пренесуваат и на НАТО. Така, наместо единствен однос со Европа, имаме еден однос со Французите, друг со Британците, а трет со Германците. Ние сега не го гледаме НАТО како механизам што ја поврзува Европа – вели Фридман.

Аналитичарите на „Геополитика“ ваквите изјави ги толкуваат како предупредување дека Европа не ја поврзува ништо друго освен НАТО, а најмалку структурите на ЕУ, кои всушност прават поделби и создаваат проблеми во Алијансата. САД се предводници на НАТО, кој е единствениот фактор што би требало да ја обединува Европа и тоа не е опис на состојбите туку најава за насоката на дејствување на САД во иднина, сметаат истите аналитичари.
Дека Американците планираат уште поактивно да се вклучат во европската политика најавува и пензионираниот адмирал и бивш командант на НАТО, Џејмс Ставридис, во свој авторски текст за „Политико“ со пригоден наслов „На Европа повторно ѝ е потребна Америка“.

– Европската безбедносна структура, која овозможи релативно успешна транзиција по Студената војна, сега се распаѓа. Целиот европски безбедносен поредок се урива. Тоа е лоша вест за САД зашто само силна и обединета Европа значи доверлив партнер за САД. Што треба да се направи? Од западната страна на Атлантикот треба да се поттикнува успехот на т.н. европски проект. Ако Европејците ја изгубат довербата во НАТО, ЕУ, шенген и во другите елементи што слабо ги поврзуваат, сѐ може да биде загубено. НАТО мора да остане главен столб на колективната безбедност во Европа. Бесмисленото ривалство меѓу НАТО и ЕУ мора да запре – нагласува Ставридис.
За аналитичарите од „Геополитика“ ова е уште еден показател дека ЕУ е на прагот на крупни промени, кои би можеле да бидат поттикнати токму од најголемиот европски сојузник, САД.

– По промените, ЕУ никогаш повеќе нема да биде иста. Нив ги предизвика програмираната мигрантска криза, која ја поддржаа либералните врвови на германската и на европската политика. Американската политика очигледно го чекаше тој погоден момент на европска криза што самата во голема мера го предизвика и сега активно ќе се вклучи во моделирање на новиот европски безбедносен поредок според своите интереси. Америка ќе ја спасува ЕУ од проблемите што сама ѝ ги подготви – заклучуваат аналитичарите на „Геополитика“.