Министрите за одбрана на земјите-членки на НАТО денеска ќе ги дискутираат деталите за новиот план за одбрана од потенцијални хибридни напади од Русија, пренесува „Еуроактив“.

– Конфликтите не се водат само со куршуми и бомби, туку и со податоци и технологија – изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Новата стратегија, покрај на досегашната одбрана, се фокусира и на напади кај Црното Море и Балтичкиот регион, а потенцијално ќе вклучува одбрана од нуклеарни напади и напади од вселената.

– Целта на НАТО е свет без нуклеарно оружје, но ние не веруваме во еднострано разоружување. Свет во кој Русија, Кина и Северна Кореја имаат нуклеарно оружје, а НАТО нема, едноставно не е побезбеден свет – изјави Столтенберг во Брисел.

Покрај досегашната надградба и замена на советските воени вселенски системи за потенцијален напад на сателити и развивање технологии базирани на вештачка интелигенција, Русија ги негира сите воени намери и тврди дека токму НАТО ризикува да ја дестабилизира Европа со ваквите подготовки.