Има ли македонската армија капацитет и ресурси да се носи со сите стандарди во одбраната, кои ги наложува НАТО, во моментите кога како држава ги изодуваме последните чекори за наше членство во сојузот. Оваа дилема стана актуелна во домашната јавност по редицата информации што ги публикува НАТО на својата веб-страница, а се однесуваат на развој на квантната технологија и на сајбер-безбедноста.
Во информација публикувана на 16-ти минатиот месец, НАТО на својата страница пишува дека квантната технологија наскоро ќе го смени релјефот на безбедноста.
– Иако оваа технологија ќе овозможи револуционерни одговори на комплексни безбедносни проблеми во повеќе полиња, нејзиниот потенцијал, исто така, може да биде и разурнувачки. Токму затоа програмата на НАТО, насловена „Наука мир и безбедност“, ги поддржува целите за развој на технологијата во постквантната ера – стои во информацијата на НАТО.

Во информацијата на Алијансата на оваа тема се објаснува дека квантните технологии во одбраната ги користат својствата на квантните ефекти – интеракциите на молекулите, атомите или фотоните, за да создадат практични апликации на оваа технологија во многу различни области.

– Додека употребата на квантната технологија во моментов е ограничена на експериментални поставки во некои специјализирани полиња (метрологија, распределба на време, фреквенција, безбедност, автоматизација итн.), во иднина се претпоставува дека оваа област може да се прошири и да опфати широк спектар на области, како што се компјутерски науки, сателитска комуникација, автомобилска индустрија, медицина, итн. – се објаснува во информацијата на НАТО.

Според НАТО, постои теоретска можност т.н. квантни компјутери во иднина да го пробијат целиот комуникациски систем што сега постои, а со тоа и да се наруши традиционалниот криптографски систем преку кој денеска функционираат онлајн-банкарството и телекомуникациските системи.

Во меѓувреме, во своја информација на оваа тема весникот „Тајмс оф Малта“ пишува дека Универзитетот на Малта почнал серија научни истражувања, со кои има цел да изработи ефективни мерки за безбедност доколку Алијансата биде нападната од квантен компјутерски напад во иднината. Според „Тајмс оф Малта“, токму затоа Универзитетот на Малта ги здружил силите со претставници на НАТО за да изработат ефективни безбедносни решенија за постквантната ера.

– Во иднина токму квантната технологија ќе биде основата на техниката, која ќе биде неопходна да се заштитат критичните НАТО-инфраструктури и сервиси – изјавил за весникот Андре Хуереб, водачот на проектот за Универзитетот на Малта.
Според весникот, тимот научници од Малта, но и нивните колеги од Словачка и од САД имаат цел да најдат криптографски информатички безбедносни решенија за компјутерска комуникација со која ќе се заштитат сензитивните информации.
Во својата анализа, „Тајмс оф Малта“ информира дека за оваа цел, додека трае истражувањето за квантната технологија за побезбедна комуникација меѓу НАТО-државите, ќе се користи подводен кабел од Малта до Италија преку кој ќе се пренесуваат информациите.

Познавачите на проблематиката објаснуваат дека нашата држава, иако е мала, со голема доза сериозност пристапува во дејствувањето за гарантирање на безбедноста во сајбер-просторот, но кога зборуваме за квантната технологија мораме да разбереме дека, сепак, таа е сѐ уште во теоретска фаза на развиток и не постои.
Воено-безбедносниот аналитичар Милан Стефаноски вели дека сосема е разбирливо зошто НАТО себеси се подготвува за дејствување со квантните технологии, бидејќи сајбер-војувањето стана стандардно средство на меѓународната политика и преку него во иднина ќе се спроведува рамнотежата на моќта меѓу големите сили и воени сојузи.
Во меѓувреме, од Министерството за одбрана (МО) истакнуваат дека самото министерство, тука вклучувајќи ја и Воената академија, го следи развојот на квантните технологии, на чиј развој последната декада активно работат најголемите светски корпорации и научни центри.

– Посочуваме дека овие технологии сѐ уште не се развиени до ниво на целосно имплементирање и активна употреба. Стручните лица во Министерството активно ги следат и ги анализираат и безбедносните предизвици од примената на овие технологии – велат од Министерството.

Според нив, претставници на Воената академија заедно со Министерството и армијата активно учествуваат на конференции, семинари и работилници организирани од НАТО, во кои се опфатени квантните технологии, го следат нивниот развој и се подготвени при евентуален развој на стандарди во НАТО, истите тие да ги приспособат за потребите на Министерството и армијата.

– Министерството последните осум години активно е вклучено во проекти и активности на НАТО-програмата „Наука за мир и безбедност“ (СПС). Најголем дел од активностите што ги има организирано Воената академија, а се поддржани од експерти од земјите-членки на НАТО, е следење и на најновите технологии и пред сѐ зголемување на сајбер-безбедноста од разни закани, меѓу кои и ризиците и заканите од имплементацијата на најновите технологии – се вели во одговорот на МО.

Од друга страна, од АРМ велат дека во државата Министерството за одбрана, односно секторот К4, e носител за развивање на сајбер-одбраната и тој дејствува заедно со Генералштабот на армијата – секцијата Ј6, кои истовремено имаат развиено стратегија за сајбер-одбрана, која вклучува акциски план за имплементација за следење на насоките и целосно интегрирање на оваа сфера со НАТО-стандардите потребни за вклучување во колективната одбрана.

– Во согласност со акцискиот план, се опфатени технологии и алатки за справување на секој познат вид сајбер-закани во зоната на интерес на бојното поле и при реализација на други облици на самостојни или заеднички вежбовни активности со сојузниците – се вели во информацијата на АРМ.

Оттаму додаваат дека МО, пак, е надлежно за планирањето и спроведувањето на развојот и целокупниот комуникациски информатички систем за потребите на одбраната, како и за јакнење на капацитетите што подразбира и склучување договори за соработка со партнерите и со сојузниците во оваа област, а сајбер-одбраната на национално ниво во сите сфери е координирана и предводена од страна на Владата на Република Северна Македонија.

[email protected]