Европските членки на Алијансата поддржуваат решавање на проблемот со иранската нуклеарна програма преку преговори и сметаат дека е неопходно да се пронајде варијанта што ќе биде корисна за двете страни и нема да доведе до распаѓање на постојниот договор со Иран. ЕУ, пред сѐ Британија, Франција и Германија, има поинакви трговски интереси од САД и свесна е за важноста на Иран за стабилноста на целиот регион, а токму нуклеарниот договор најдобро ја гарантира таа стабилност

Американскиот претседател Доналд Трамп повторно го предупреди Иран дека си игра со оган, откако Техеран соопшти дека произвел над 300 килограми збогатен ураниум, надминувајќи го лимитот од договорот од 2015 година. Трамп постојано укажува на иранската опасност и изјавува дека никогаш нема да му дозволи на Иран да произведе нуклеарно оружје. Но, како што анализира порталот „Геополитика“, целта на администрацијата во Вашингтон е соборување на иранската влада и целосна промена на политичкиот и општествениот систем на оваа земја, што се обидува да го постигне преку остри санкции и целосна блокада на извозот на иранската нафта. Меѓутоа, Европската Унија не го дели истото мислење со САД, и тоа од две клучни причини: ЕУ има развиени трговски односи со Техеран, вклучувајќи ги и енергетските, при што Унијата е петти по големина светски увозник на иранската нафта, а Брисел исто така се плаши од прекинување на важењето на нуклеарниот договор и дополнителното зголемување на тензиите, кои би можеле да резултираат со избувнување на војна на Блискиот Исток, со опасни последици и за Европа.

Лидерите на ЕУ се свесни за ситуацијата и затоа не се согласуваат со американските „воени игри“. Администрацијата на Трамп, пак, се обидува да ги разубеди европските сојузници. Па, така, на 26 и 27 јуни американскиот секретар за одбрана Марк Еспер на состанокот на министрите на НАТО побара формирање нова стратегија во борбата со иранската закана. Меѓутоа, европските членки на Алијансата поддржуваат решавање на проблемот со иранската нуклеарна програма преку преговори и сметаат дека е неопходно да се пронајде варијанта што ќе биде корисна за двете страни и нема да доведе до распаѓање на постојниот договор со Иран. ЕУ, пред сѐ Британија, Франција и Германија, има поинакви трговски интереси од САД и свесна е за важноста на Иран за стабилноста на целиот регион, а токму нуклеарниот договор најдобро ја гарантира таа стабилност.

Очигледен е фактот дека стратегиските позиции на прекуокеанските сојузници во однос на Иран се дијаметрално спротивни. Притоа, географската положба на Иран јасно укажува на тоа кој од овие два сојузника е поранлив. За иранското прашање, ЕУ е многу поблиска до позициите на Русија и Иран, кои исто така предупредуваат дека е неприфатлив воен конфликт со Иран поради својата национална безбедност. Покрај тоа што, во случај на војна, „реки“ капитал од регионот ќе потечат кон САД, а не кон ЕУ, би бил предизвикан и нов, уште поголем бегалски бран од досегашниот, а први на удар ќе бидат европското медитеранско крајбрежје и балканскиот регион.

Но, и покрај сѐ, мала е веројатноста САД, без своите сојузници, да почнат војна против Иран. Оваа веројатност е уште помала ако се земе предвид фактот дека наредната година се одржуваат избори за американски претседател. Покрај тоа, денешните американски воени сили во регионот, без разлика на тоа што се нагласуваат нивната моќ и супериорност, се значително помали во споредба со познатата сојузничка операција „Пустинска бура“ против Ирак, земја што беше многу полесен предизвик од Иран.

Се разбира дека САД секогаш може да спроведат разорни далекосежни ракетни напади на клучните ирански стратегиски цели и нуклеарни објекти, за што не им е потребна концентрација на голема воена сила – во однос на војници и техника. Меѓутоа ризиците за САД, доколку самостојно дејствуваат, едноставно се преголеми – како оние политичките, така и економските, поради очекуваното големо зголемување на цената на нафтата, и воените, во смисла на чувствителноста на американските сили стационирани во регионот и во Авганистан.


Иранска хибридна војна?

Американските аналитичари изминатиот период често предупредуваат на опасноста од иранските капацитети за водење т.н. хибридна војна. Покрај тоа што, според нив, Иран може воено да ги загрозува сите точки во Персискиот Залив, тој може, бидејќи целта не му е отворена војна со САД, да спроведува тактички операции со закани за зголемување на цената на нафтата, користејќи ги своите балистички ракети, дронови и „паметни мини“ за напади на нафтени танкери, и да поттикне акции на терористичките организации.
Сепак, наместо хибридна војна од иранска и голема воена операција од американска страна, може да се очекува голема психолошко-пропагандна војна помеѓу Вашингтон и Техеран, што претставува инструмент на класичното и традиционалното војување.