НАТО ги подготвува „најголемите воени вежби во повеќе години“ на кои во Норвешка во втората половина на месецот ќе учествуваат 45.000 војници, соопшти денеска генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

Вежбите се темелат на „фиктивно, но реално“ сценарио и ќе симулираат колективен одговор на НАТО на напад врз една сојузничка, додаде Столтенберг.

Ќе бидат тоа најголемите воени вежби на НАТО од крајот на студената војна.

Освен војниците од 29 држави членки и партнерските земји Шведска и Финска, во вежбата Тридент ќе учествуваат 150 авиони, 60 бродови и 10.000 возила.

Вежбата се случува во време на тензични односи со Русија предизвикани со анексијата на Крим во 2014 година и поддршката на Москва на бунтовниците на истокот на Украина.

Русија во август одржа масовна воена вежба на истокот на земјата во која учествуваа околу 300.000 војници.