Во Норвешка неодамна пристигна првата пратка со воена опрема, која ќе биде дел од маневрите на НАТО што ќе почнат кон крајот на октомври во оваа земја. Според најавите, станува збор за најмасовната воена симулација на Алијансата по крајот на Студената војна, во која ќе учествуваат околу 40.000 војници и 70 брода. Земјите што ќе испратат војници во Норвешка очигледно се загрижени за руските воени активности во Европа

Русија најави одржување масовни воени маневри, најголеми по распадот на бившиот Советски Сојуз. Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу порача дека серијата маневри, во кои ќе учествуваат и Кина и Монголија, ќе се одржат во Сибир и Далечниот Исток. Вежбите „Восток 2018“, според Шојгу, се без преседан кога станува збор за географската покриеност и за бројот на војници што ќе учествуваат. Од друга страна, во Норвешка неодамна пристигна првата пратка со воена опрема, која ќе биде дел од маневрите на НАТО што ќе почнат кон крајот на октомври во оваа земја. Според најавите, станува збор за најмасовната воена симулација на Алијансата по крајот на Студената војна, во која ќе учествуваат околу 40.000 војници и 70 брода. Земјите што ќе испратат војници во Норвешка очигледно се загрижени за руските воени активности во Европа. Сепак, нивниот став е целосно спротивен со позицијата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој Русија не ја смета за закана туку за „добар конкурент“, пренесуваат светските агенции.

Шојгу порача дека маневрите ќе бидат и поголеми од најголемата воена вежба во советската историја, кои се одржаа во 1981 година на територијата на Белорусија, Украина, три балтички републики, како и во некои земји на Варшавскиот пакт. Вкупниот број војници што ќе бидат дел од „Восток 2018“ сѐ уште не е обелоденет.

Кина веќе потврди дека ќе испрати над 3.000 војници што ќе им се придружат на руските сили во маневрите. Кинеските власти порачаа дека во Русија ќе бидат распоредени над 900 парчиња артилериско оружје, како и 30 авиони и хеликоптери
Руските медиуми наведуваат дека воените вежби по сѐ изгледа ќе го надминат размерот на маневрите „Запад-2017“, кои лани ги одржа Русија, провоцирајќи нервозна реакција на Западот. Поради тие маневри, во кои учествуваа 12.700 војници, 70 воени авиони, десет брода и околу 680 копнени возила, Москва беше критикувана дека го надминала декларираниот број на војници што учествуваат.

Покрај тоа, Кремљ беше обвинет дека вежбите се изговор за „инвазија“ на соседните земји. И покрај нивната одбранбена природа, тие беа искористени од претставниците на НАТО како оправдување за дополнително зголемување на бројот на сојузнички војници во Источна Европа. Како одговор на „Запад-2017“, Полска беше домаќин на маневрите „Драгон 17“, во кои учествуваа над 17.000 војници и 3.500 возила и парчиња воена опрема. Според РТ, бројот на војници во „Драгон 17“ значително го надмина оној на „Запад-2017“. Во јуни годинава, во двонеделната вежба „Сејбер страјк“, која се одржа во Полска и балтичките земји, учествуваа над 18.000 војници од 19 членки на НАТО.

Во меѓувреме, во Норвешка пристигна првиот контингент со воена опрема на Алијансата, кој, пак, ќе биде дел од масовните маневри што ќе почнат на 25 октомври во оваа нордиска земја. НАТО потврди дека германските сили ќе ги предводат вежбите „Тридент“, на кои е најавено дека ќе учествуваат над 40.000 војници, 130 авиони и 70 сојузнички брода. Според Дојче веле, Норвешка ќе биде домаќин и над 8.000 германски војници и 2.000 воени возила.

Норвешка и Русија имаат околу 200 километри копнена граница, како и поморска линија за разграничување, која се протега низ Баренцово Море и Арктички Океан. НАТО соопшти дека целта на „Тридент“ е да се вежба способноста на Алијансата заедно да функционира и да ги брани сојузничките територии и населенија. Норвешка во јуни побара од САД двојно да го зголеми бројот на американски маринци што се на ротација во норвешкиот арктички север и да ги распореди поблиску до границата со Русија. Покрај тоа, на претстојните маневри ќе учествуваат и Шведска и Финска, кои исто така се во непосредна близина до поранешниот Советски Сојуз.

Дипломатски извори од Вашингтон истакнуваат дека цел на „Тридент“ е вежбање заедничка реакција на сојузниците, во согласност со членот 5 од договорот на НАТО. Во согласност со овој член, земјите од Алијансата имаат обврска да ѝ помогнат на друга земја-сојузник во случај на напад. Па, така, сојузниците ќе симулираат напад и одбрана на Норвешка, сценарио што, според американските медиуми, изгледа многу реално по една година исполнета со провокативни руски маневри, како што е симулираниот напад врз објект на норвешкото разузнавање во Вардо, од страна на руски бомбардери во март 2017 година.

Норвешка, според експертите, е добар пример како реагираат сојузниците на контрадикторната политика на Трамп во однос на Русија. Односите помеѓу Норвешка и Русија се добри, при што и двете земји ги решија споровите за прашања како што се риболовот и границите, но и покрај тоа, нордиската земја е домаќин на овие големи маневри, во кои ќе учествува и голем дел од норвешките сили. Норвежаните по сѐ изгледа не му веруваат многу на Трамп и на неговата „розова“ слика за Русите.
– Тоа што го видовме лани беше демонстрација на нивниот капацитет да нападнат важни цели во Норвешка – изјави неодамна адмиралот Нилс Стенсоенес, шеф на норвешката морнарица.

Уште поважна порака доаѓа од норвешкиот сосед Шведска, кој исто така ќе биде дел од „Тридент“. Првпат шведската опозиција, составена од четири партии, поддржува членство на земјата во НАТО, и покрај руските предупредувања дека таков чекор ќе испровоцира реакција на Русија. Зголемената шведска загриженост за руските активности доведе до повторно воведување на служењето војска во земјата, реокупирање со воени сили на стратегиски лоцираниот остров Готланд, како и зголемување на трошоците за одбраната за 300 милиони долари годишно. Па така, пораката од Стокхолм е одлучна. За Русите, Шведска демонстрира дека ќе стори сѐ што е потребно за да ја зајакне одбраната и оти нема да биде уплашена од заканите. За Американците, пак, шведската порака е исполнета со загриженост за руските активности во нордиско-балтичкиот регион, што е потврдено со големото учество на Шведска во маневри на НАТО, кои симулираат активирање на членот 5, вид на маневри што обично Стокхолм ги избегнува.