Германската министерка за одбрана Анегрет Крамп-Каренбауер најави дека ќе се повлече од лидерската функција во владејачката ЦДУ и дека нема да се кандидира за канцеларка на следните избори. Причината за оставката на Крамп-Каренбауер, која канцеларката Ангела Меркел ја одреди за своја наследничка, е скандалот во покраината Тирингија, каде што тамошниот премиер беше избран со помош и поддршка од екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АФД).

Минатата недела, како што пренесува „Дојче веле“, покраинскиот разгранок на ЦДУ ја игнорираше волјата на Крамп-Каренбауер и гласаше за избор на покраински премиер заедно со АФД. Настанот предизвика голема политичка бура во Германија, а нејзиниот неуспех да наметне дисциплина во партијата во покраината Тирингија само го намали нејзиниот кредибилитет.

Во меѓувреме, Меркел изрази жалење за одлуката на нејзинaта блиска соработничка да се повлече од функцијата канцелар на сојузните избори следната година.
Со реакција се јави и бившиот вицеканцелар и лидер на СПД Зигмар Габриел, кој оцени дека откажувањето на Крамп-Каренбауер од канцеларската кандидатура и повлекувањето од челото на ЦДУ покажува дека демохристијаните се во криза што може да доведе до крај на владејачката коалиција на конзервативците и социјалдемократите.

– Повлекувањето на Крамп-Каренбауер е логична последица на тоа што не успеа да се наметне дури ни во покраинскиот разгранок на ЦДУ во Тирингија. Ниту еден заменик не ѝ помогна – порача Габриел.

Тој додаде дека и самата канцеларка Меркел морала да ги решава главните прашања, бидејќи во Тирингија бил избран премиер со гласовите на ЦДУ, либералите, но и десничарската АФД.

– Го преживуваме крајот на другата голема народна партија во Германија. По СПД, повеќе ни ЦДУ не успева да ги издржи тензиите во партијата. Крилата премногу се оддалечија – истакна Габриел.