Ал каеда објави видеопорака од своето раководство

Разузнавачката група „Сит“, која ги следи активностите на џихадистите на интернет, објави ново видео по повод 20-годишнината од терористичкиот напад на кулите близначки од 11 септември. Во видеото, лидерот на Ал каеда, Ајман ал Завахри, наследникот на Осама бин Ладен, зборува за повлекувањето на војската од Авганистан, но и споменува можни нови прегрупирања и напади на организацијата. На снимката исто така се гледа дека Ал Завахри вели оти „Ерусалим никогаш нема да биде еврејски“ и наедно ги фали нападите на Ал каеда, вклучувајќи ги и оние што беа насочени кон руските војници во Сирија во јануари. Според „Сит“, споменувањето на Ал Завахри на повлекувањето на американската армија од Авганистан по 20 години војна укажува дека станува збор за неодамнешна снимка. Сепак, според разузнавачката група, ова не мора да значи дека Ал Завахри сѐ уште е жив, иако тој во објавата споменува дека талибанците минатиот месец ги зазеле Авганистан и главниот град Кабул. Инаку, гласините дека лидерот на Ал каеда починал се појавија на крајот на 2020 година, и оттогаш до неодамна, не се појави видео или доказ дека е жив. Целиот говор на Ал Завахри трае 61 минута и 37 секунди, а создадено е во продукција на „Ас сахаб медиа фондејшн“. Египќанецот Ал Завахри стана лидер на Ал каеда по убиството на Осама бин Ладен во 2011 година.