Бројката на загинати лица од почетокот на воениот удар во Мјанмар до вчера се искачи на 146 лица, додека само за викендот војската застрела 56 демонстранти, откако воената хунта прогласи воена состојба на почетокот од февруари, јавуваат западните агенции. По ваквите реперкусии, повеќе од 100 луѓе побегнале од Мјанмар и пристигнале во мало село во североисточна Индија, придружувајќи им се на десетиците сонародници што го сторија тоа откако армијата на Мјанмар ја презеде власта. Во меѓувреме, претставничката на Обединетите нации (ОН) за Мјанмар, Кристин Шране, остро го осуди „крвопролевањето“ во земјата , јави АП.
– Меѓународната заедница, особено регионалните актери, треба да се обединат во знак на солидарност со луѓето во Мјанмар и нивните аспирации за демократија – рече Шране.
Инаку, на 1 февруари војската ја презеде власта во земјата, по неколкумесечни обвинувања дека победникот на изборите во ноември ги добил изборите преку измама. Војската тогаш вети дека ќе одржи нови избори, но не закажа датум. Патем, беше затворена и 75-годишната Аунг Сан Су Чи, претседателка на победничката партија и добитничка на Нобеловата награда за мир во 1991 година. Аунг Сан Су Чи треба пред судот да одговара по четири обвиненија, вклучувајќи нелегално користење воки-токи и прекршување на антиковид-протоколите.