Втора ноќ последователно, властите во Шри Ланка беа принудени да воведат полициски час, откако на повеќе локации во земјата се појавија протести против муслиманите, како реакција за нападите кои се случија во земјата на католичкиот Велигден, јавува Би-би-си.

Полицискиот час ќе трае во текот на целата ноќ, а во северозападниот дел на земјата, каде насилствата беа најинтензивни, постои можност тој да трае и подолго време, информираа од полицијата во Шри Ланка.

Еден човек од муслиманска веросиповест беше прободен со нож, додека демонстранти запалија неколку продавници на муслимани, а беа вандализирани и неколку џамии во земјата. Поради овие настани, полицијата уапси 60 луѓе, вклучувајќи и еден лидер на десничарска будистичка група. Обединетите нации (ОН) повикаа на смиреност и „одбивање на омразата“.

Поради насилните демонстрации, северно од градот Коломбо, полицијата морала во воздух да испука гумени куршуми за да ги растера групите кои предизвикувале немири на неколку различни локации.