Егзотични животни и оружје, купишта пари и блиндирани автомобили, како и полиња со афион, додека во позадина свири балада која ги воспева мексиканските наркокартели, е светот на „Картел Тикток“, канал кој преку споделување на луксузниот живот на припадниците на картелите добива илјадници прегледи на социјалните мрежи, пишува „Њујорк тајмс“. 

Експертите велат дека Тикток е последната платформа на која картелите го промовираат нивниот животен стил со цел да привлечат и придобијат млади следбеници. 

– Станува збор за наркомаркетинг со кој картелите придобиваат популарност кај младите – вели Алехандра Леон Оливера, антрополог од шпанскиот универзитет во Мурсија, која го проучува присуството на на мексиканските криминални групи на социјалните мрежи.

Иако ваквите материјали циркулираат на мексиканските социјални медиуми со години, тие на Тикток во САД се појавија минатиот месец, откако станаа популарни благодарение на видео од возбудлива бркотница во која членови на картел бегаат од мексиканските власти со брод. 

– Откако го погледнав видеото, веднаш Тикток ми препорача слична содржина. Бев изненаден. Имаше егзотични животни, пари, автомобили… – вели Рикардо Ангелес, 18-годишник од Мексико чии родители се преселиле во САД.

По појавата на контроверзните видеа, портпаролка на „Тикток“ изјави дека компанијата е „посветена на соработка со органите за борба против организираната криминална активност“ и дека ги отстранува содржините и каналите што промовираат незаконски активности.

Според Јоан Грило, автор на „Ел Нарко: Внатрешноста на мексиканскиот криминален бунт“, содржините со наркокултурата на Интернет постојат повеќе од една деценија, кога Мексико ја засили војната против картелите. 

Во минатото видеата беа груби и насилни, со слики од обезглавувања и мачење, објавени на видео-платформата Јутуб, создадени за да предизвикаат страв кај ривалските банди и да им покажат на владините сили со што се справуваат. Но, како што еволуираа социјалните платформи, и картелите стануваат сè пософистицирани.

– Најновото тикток-видео, на кое младо момче стои во афионово поле и сече афионова чашка, е само потсмевање на безбедносната стратегија на владата на Андрес Мануел Обрадор, кој досега не беше во можност да направи значителна разлика во сузбивање на насилството во Мексико, каде што има рекордни 34.582 убиства регистрирани само минатата година – вели Трило. 

Иако некои видеа сè уште се направени за да влејат ужас, други се создадени за да им покажат на младите потенцијални следбеници каков е животот за оние во картелите – многу пари, скапи автомобили, оружје, убави жени и егзотични миленичиња. Нивната крајна цел е иста, привлекување на армија од млади луѓе кои ќе бидат подготвени да ги дадат своите животи за шансата да се здобијат со брзо богатство и со слава.

Иако ваквите видеа главно се наменети за мексиканска публика, корисниците во САД несвесно помагаат во нивното промовирање на социјалните мрежи, а исто така претставуваат и начин на зближување со картел-културата, но од безбедна далечина. 

– Има разлика од гледање на серијата „Наркос“ на Нетфликс, и да бидете навистина киднапирани од наркодилери. Можеби и јас ќе бев дел од тој начин на живот. Ова е потсетник за опасноста од картелите, и среќен сум што моето семејство се пресели во САД. Повеќе би сакал да бидам сиромашен, отколку да бидам на тој начин богат и славен – вели Ангелес.