Претседателот на САД, Џо Бајден, изјави дека е поразен од веста дека еден полицаец загина, а друг е ранет во нападот што се случи на безбедносен контролен пункт кај Капитол, седиштето на Конгресот, соопшти Белата куќа.

Бајден посочил дека ги добива најновите извештаи поврзани со инцидентот и ќе продолжи да го следи напредокот на истрагата.

Според соопштението, Бајден наредил знамињата на Белата куќа да се спуштат на половина копје во чест на полицаецот Вилијам Еванс, кој беше убиен во нападот. Еванс, 18 години работел како припадник на безбедносните сили.

И претседателката на Конгресот, Ненси Пелоси, исто така наложила знамињата да се спуштат на половина копје, најавувајќи ја целосната подготвеност на Конгресот да соработува со полицијата во истрагата. Таа го нарече убиениот полицаец „маченик за демократија“.
Напаѓачот, кој вчера влета во барикадите во близина на Капитол во Вашингтон, починал од повредите откако бил застрелан од полицијата, но претходно повредил двајца чувари на редот, од кои еден полицаец загинал, пренесува АП.

Неименуван претставник од службите за безбедност претходно потврди дека најмалку еден полицаец е повреден со нож.

Полицијата објави дека во нападот на Капитол, еден полицаец им подлегнал на повредите, а друг е ранет, додека напаѓачот убиен. И покрај жестокоста на нападот, полицијата верува дека инцидентот не е поврзан со тероризам.

– Осомничениот се залетал со својот автомобил и удрил во двајца наши колеги кога налетал на бариерата – соопшти шефицата на полицијата во Капитол, Јогананда Питман за инцидентот.

Осомничениот потоа излегол од автомобилот со нож во раката и се упатил кон полициските службеници, по што тие пукале и напаѓачот бил убиен. Полицаецот Вилијам Еванс им подлегнал на повредите по инцидентот.

Настанот се случил на околу 100 метри од влезот во зградата на Конгресот, а напаѓачот и тешко повредениот полицаец пред да им подлегнат на повредите биле пренесени во болница.

Повикувајќи се на неименувани извори, „Вашингтон пост“ објави дека осомничениот е црномурестиот Ноа Грин (25) и дека бил пријавен во Вирџинија.
Во објава на сега избришаната страница на Фејсбук, Грин кон средината на март напишал дека неодамна ја напуштил работата „делумно поради проблеми, но на крајот во потрага по духовно патување“. Тој исто така напишал дека страда од несакани ефекти од лекови кои несвесно ги земал. Исто така напишал за неговиот интерес за црната националистичка религиозна организација „Нација на исламот“, пренесува Би-би-си.

Полицијата верува дека инцидентот не е поврзан со тероризам, но најави дека ќе спроведе истрага.
– Изгледа дека нападот не е поврзан со тероризам, но ние ќе продолжиме да истражуваме – изјави началникот на полицискиот оддел во Вашингтон, Роберт Контри. Тој исто така рече дека напаѓачот се чини дека дејствувал сам.

Зградата на Конгресот беше под опсада на 6 јануари, кога приврзаниците на поранешниот американски претседател Доналд Трамп предизвикаа немири во кои беа убиени пет лица.