Бројот на жртвите во вчерашното пукање во училиштето во Казањ се зголеми на девет, додека бројот на повредени се зголеми на 23, соопшти денеска претседателот на руската република Татарстан, Рустам Миниханов.

Потпретседателот на Владата на Република Татарстан, Леила Фазлеева, на прес-конференцијата рече дека во моментов се хоспитализирани 23 лица, од кои 20 се деца, а три се возрасни. Меѓу нив има и такви кои се во тешка состојба, додека кај тројца состојбата полека се стабилизира.

– Напаѓачот на училиштето во рускиот град Казањ активираше импровизирана експлозивна направа – рече руската народна правобранителка за правата на децата, Ана Кузнецова.

Руската истражна комисија вчера ги отфрли извештаите на медиумите дека експлозивната направа била поставена во училиштето, меѓутоа, портпаролот на Комисијата, Светлана Петренко, изјави дека напаѓачот активирал импровизирана бомба при влегување во училиштето.

– Напаѓачот донел експлозивна направа и таа експлодирала. Сега, кога го видовме местото на трагедијата, сфативме дека сè можеше да биде многу полошо – рече Кузнецова и додаде дека детонацијата ги уништила тоалетите во училиштето и некои други простории, но во тоа време немало деца во близина.

Таа рече дека оваа трагедија укажува на потребата од зајакнување на безбедносните мерки во училиштата и нивно почитување и одржување.

– Ова е прва мерка што мора да се донесе едногласно без никаква дискусија. За жал, утврдено е дека од 1.800 објекти што мора да бидат заштитени, само 1.600 спроведуваат соодветни безбедносни мерки – рече таа.

Поранешен ученик на гимназијата број 175 во Казањ, матурант, отвори оган во вторникот во неговото поранешно училиште и уби девет лица, од кои седум деца. Повредени се 23 лица. Сторителот е во притвор, а денес е прогласен за ден на жалост во Татарстан. Претходно беше објавено дека се убиени 11 лица. Руската истражна комисија отвори истрага за масовното убиство.