По експлозијата, претседателот Гани покажа на присутните дека не носи панцир

Инаугурацијата на авганистанскиот претседател Ашраф Гани вчера беше прекината од звук на експлозии. Додека Гани држеше говор на подиумот пред претседателската палата во главниот град Кабул, се слушнаа силни експлозии кои го прекинаа неговиот говор и предизвикаа паника меѓу присутните. Меѓутоа, Гани се врати на бината и изјави дека нема да биде заплашен од нападот. Одговорноста за нападот ја презеде Исламската држава (ИД), пренесува „Њусвик“. 

По експлозиите, Гани го откопча неговото одело за да открие дека не носи панцир и изјави дека доколку е потребно ќе се жртвува себеси за доброто на неговиот народ и земја. Официјалната новинска агенција на ИД, „Амак“, во соопштение информираше дека ја преземааат одговорноста и цел на нападот бил инаугуацијата на „тиранот Гани“. 

Нападот се случи во време кое е критично за Авганистан, во период кога се потпиша историскиот мировен договор помеѓу САД и Талибанците. Талибанската милитантна група не ја признава централната власт на Кабул, а во меѓувреме гранката на ИД во оваа земја, позната како ИД-Корасан (ИД-К), продолжува со нивната бунтовничка кампања. 

– САД силно ја поддржуваат самостојноста и суверенитетот на Авганистан. Ние го осудуваме денешниот терористички напад во Кабул – изјави државниот секретар Мајк Помпео. 

ИД во петокот исто така презеде одгоровност за нападот на одбележувањето на 25-годишнината од смртта на шиитскиот политички лидер Абдул Али Мазари, во кој беа убиени 32 лица и стотици повредени. 

– Нападите врз невини и беспомошни луѓе се знак на слабост, а не е знак на покажување моќ и сила. Авганистанскиот народ заслужува иднина без тероризам. Ова е можност тие да создадат обединет фронт против ИД – додаде тој. 

Политичкиот спор продолжува да го оптоварува Кабул, бидејќи покрај Гани и неговиот ривал Абдула Абдула, главниот извршен директор на Авганистан, во понеделникот одржа паралелна инаугурација во палатата, на која тој се заколна како претседател на земјата. 

– Никој не треба да ја потценува нашата заложба за вистинска демократија и нашата решеност да го поддржиме владеењето на законот. Прогласување на изборна измама и неважечки гласови е нашиот излез од кризата – напиша Абдула на Твитер пред церемонијата.

Актуелниот политички спор меѓу Гани и Абдула беше креиран по претседателските избори во 2014 година на кои поранешниот претседател Хамид Карзаи се повлече по речиси 13 години власт.