Германската полиција соопшти дека во завчерашниот инцидент кога автомобил удри во луѓе во пешачка зона во западниот град Трир, каде што загина бебе и уште други три лица, не станува збор за терористички акт туку за инцидент настанат од пијан возач. Како што соопштија германските медиуми, 51-годишниот локален маж што беше причинител на несреќата бил идентификуван од страна на полицијата како Бернд В. Официјалните лица изјавија дека осомничениот бил пијан и оти засега нема знаци дека инцидентот бил политички мотивиран. Портпаролот на локалната полиција Карл-Питер Јохем изјави дека осомничениот возел еден километар „удирајќи луѓе по случаен избор“ пред да биде запрен од полициски автомобил.
Опишувајќи ја сцената како „ужасна“, градоначалникот Волфрам Либе рече дека до 15 лица биле повредени, од кои некои сериозно. Тој додаде дека меѓу настраданите има и деветмесечно бебе. Инаку Трир е средновековен град со околу 110.000 жители, сместен во близината на границата со Луксембург и досега никогаш во него немало какви било поголеми безбедносни нарушувања или терористички напади.