Дали оружениот терористички напад што се случи во понеделникот во Виена претскажува враќање во најмрачните денови на терористичко насилство што ја потресе Европа помеѓу 2012 и 2017 година? Во период од пет години, имаше стотици жртви на напади со нож, бомбашки напади на стадиони и аеродроми, како и напади од повеќе вооружени лица со автоматско оружје. Најновите терористички акти во Франција и Австрија потсетуваат на тој мрачен период, пренесува „Гардијан“. 
 
Изведените терористички напади беа дело на млади симпатизери на Исламската Држава (ИД), која тогаш беше во зенитот на нејзината моќ. ИД ја презеде одговорноста, но истрагата работи на тоа да открие дали таа ги има организирано, или само инспирирано нападите. 

Сепак, иако исламскиот фанатизам во Европа претставува опасност, терористичките напади во изминатите две години значително опаднаа. Смртните случаи од тероризам се намалени за 70 отсто минатата година, а Западна Европа бележи најмал број на инциденти од 2012 година. Според последните извештаи на Европол, имало 21 план за џихадистички напади во 2019 година, во споредба со 24 и 33 во двете претходни години. Од 21, четири биле спречени, 14 откажани, а само три биле извршени.

Друга споредба е и размерот на нападите, кои ни приближно не се ужасни како оние од  2015 и 2016 година, кога во низа напади беа употребени пушки и камиони. Тој наплив на насилство дојде кога слабо подготвените западни безбедносни служби се соочија со организација којашто беше сметана за екстремна дури и од други исламисти. 

– Фактот дека бројот на напади инспирирани од ИД се во пад, не значи дека заканата е исчезната. Сега сме само подобри во откривањето и разбивањето на терористичките заговори – изјави во интервју Гил де Керчов, координатор на ЕУ за борба против тероризмот. 

Периодов, забележителни се многу повици за насилство од страна на екстремистите. ИД се обидува да ги привлече потенцијалните напаѓачи или организатори на напади во Европа. Таа им порача на приврзаниците да го искористат нередот што го предизвика ковид-пандемијата во западноевропските земји. ИД ги преплави социјалните мрежи со повици за насилство по убиството на учител во училиште во Париз, кој на учениците им покажуваше карикатури на пророкот Мухамед.

Постојат извештаи дека виенскиот напаѓач Кујтим Фејзулаи, претходно комуницирал со два контакта во текот на денот, испраќајќи некаква џихадистичка пропаганда на секој од нив, слично како нападот во Германија во 2016 година, кога организатори од ИД испраќаа охрабрувачки пораки и совети преку социјалните мрежи до напаѓачот  до моментот кога тој нападна патници во воз.

Тука е и прашањето за тајмингот. Терористите сакаат нивните напади да добијат максимален публицитет, да не бидат засенети од другите вести, така што изборите во САД веројатно не се фактор. Поверојатно е дека карантинот во Австрија, кој започна истиот ден на полноќ, го отежна движењето и наоѓањето на потенцијални цели за
напад.

Безбедносните власти велат дека е рано да се каже до кој степен неодамнешните напади се дело на високи членови на ИД, кои даваат наредби најверојатно од Блискиот Исток или од некое друго место. 


Австриската полиција истражува дали напаѓачот бил дел од поширока мрежа

Австриската полиција истражува дали дваесетгодишниот Кујтим Фејзулаи, кој беше убиен девет минути откако отвори оган во центарот на австрискиот главен град, бил дел од поширока мрежа и дали нападот можел да биде спречен.

Фејзулаи, кој бил поддржувач на Исламската држава, им бил познат на властите од претходно. Се верува дека тој бил осамен напаѓач и покрај повеќечасовната неизвесност дали негови соучесници останале на слобода. Во нападот загинаа четири лица, а седуммина од 23 повредени се во критична состојба.

Полицијата во вторникот извршила рации на 18 имоти поврзани со напаѓачот и уапсила 14 лица. Двајца мажи биле уапсени и во швајцарскиот град Винтертур, во близина на Цирих, откако било откриено дека Фејзулаи претходно се сретнал со нив во Швајцарија.

– Постојат бројни индикации дека овој терорист и круговите во кои се движел веќе подолго време биле на радарот на разузнавачките служби. И, ако бил таков случајот, зошто било дозволено овој терорист да биде на слобода и слободно да се движи по улиците? – изјави Херберт Кикл од крајната десничарска партија Слобода, тврдејќи дека работењето на разузнавачката служба итно треба да се испита.

Николаус Раст, адвокатот кој го застапуваше Фејзулаи, изјави дека неговиот клиент бил „лесен плен“ на терористичките групи. 

– Ми остави впечаток дека е млад човек кој бара нешто, кој не знае какво е неговото место во општеството, кој не успева да најде соодветна позиција и затоа беше лесен плен за одредени групи – изјави Раст за „Билд“.