Американскиот претседател Доналд Трамп изрази сочувство до народот на Шри Ланка поради „ужасните терористички напади врз цркви и хотели“, истакнувајќи оти Вашингтон е подготвен да и помогне на азиската земја.

Трамп, на Твитер, згреши и напиша дека во нападите загинале најмалку 138 милиони луѓе, а подоцна се коригира и напиша „138 лица“.

Во Шри Ланка живеат 21 милион луѓе.

Претходно, и папата Франциск ги осуди „суровите напади“ во Шри Ланка.

Со тага и болка ја примив веста за смртоносните напади, кои денеска, на Велигден, донесоа жал и болка во црквите и на други места каде се собираа луѓе во Шри Ланка, истакна папата Франциск на Плоштадот Свети Петар.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изрази сочувство до претседателот на Шри Ланка, Маитрипали Сирисени поради осумте напади во кои загинаа најмалку 207 луѓе, а повредени се над 400 лица.

– Примете го моето искрено сочувство по повод немилосрдните бомбашки напади во кои настрадаа многу луѓе. Длабоко жалиме што мета на нападот беа католички цркви и верници и тоа на Велигден, денот што треба да донесе мир и радост. Овие застрашувачки акти покажуваат дека тероризмот не почитува ништо што е свето, ниту човековите вредности – се наведува во писмото на Вучиќ до Сирисени.

Претходно, нападите на Шри Ланка ги осудија и индискиот премиер Нарендра Моди и шефицата на индиската дипломатија Сушма Свараџ, авганистанскиот претседател Ашраф Гани, претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер, канцеларката Ангела Меркел, како и австрискиот претседател Александер ван дер Белен, канцеларот Себастијан Курц и шефицата на дипломатијата Карин Кнајсел, како и турскиот министер за надворешни работи Мевљут Чавушоглу. 

Засега никој не презел одговорност за нападите. Шефот на полицијата на Шри Ланка, Пујут Џајасундар пред десет дена издаде предупредување за можни бомбашки напади врз цркви.