Макрон се угледува на поранешниот француски претседател Шарл де Гол

Откако победи на претседателските избори во 2017 година, Емануел Макрон воопшто не ја криеше желбата за преобликување на Европа, но неговата „направи сам“ дипломатија почнува да го тестира трпението на европските партнери, пренесува „Фајненшл тајмс“.

Почнувајќи од неговото додворување на Русија, преку отфрлање на разговорите за пристапување кон ЕУ на балканските земји, до неговата непопусливост за продолжување на рокот за брегзит, самостојноста на Макрон и игнорирањето на консензусот почнува да ги антагонизира дури и неговите долгогодишни сојузници.

Филип Ламбертс, копретседателот на блокот на Зелени/Европска слободна алијанса во Европскиот парламент и негов политички ривал, се пошегува дека Макрон потсетува на карактерот Палпатин од „Војна на ѕвездите“, обвинувајќи го францускиот претседател дека е „пијан од моќ“.

Политичкката тензија во срцето на ЕУ ја предизвикаа неговите противници во Европскиот парламент со одбивањето на Силви Гулар, француска кандидатка за функцијата комесар на новата администрација на ЕУ. Голема е веројатноста дека ќе биде отфрлен и предложениот Тјери Бретон, францускиот кандидат за Брисел.

Пристапот на Макрон почнува да ги ослабува партнерствата на Франција и Германија, кои се основата и срцевината на Европската Унија. За време на добрите односи со канцеларката Ангела Меркел, Макрон истовремено работеше на приближување со Русија и Украина, но и со САД и со Иран, во врска со нивните нуклеарни амбиции.

– Кога Макрон летово побара нов европски пристап кон Русија, многумина од Унијата се побунија и му забележаа бидејќи не биле навремено информирани за ваквата одлука – вели Даниела Шварцер од германскиот совет за надворешни работи, додавајќи дека нетрпеливоста на европските лидери кон Макрон постојано расте.

Макрон држи цврст став за одредени проблеми во Унијата, како на пример брегзит и длабоки промени во земјите на блокот, пред да се пристапи кон нејзино проширување.

– Вистина е дека Макрон има посилен глас во споредба со другите европски лидери, но тоа е бидејќи тој има визија. Системот, понекогаш, треба да биде протресен – вели службеник од Елисејската палата.

Според француски дипломат кој работел со Макрон, ситуацијата на Франција во моментов е самотничка. Меркел е на крајот на нејзината политичка кариера, Борис Џонсон работи на брегзит и излегување од Унијата, а Италија не може да биде дел од сложувалката. Затоа, Макрон е на еден начин, сам во целата ситуација.

По критиките упатени кон него, откако Макрон стави вето на отворањето на пристапните преговори со Македонија и со Албанија, одредени земји, како Холандија и Данска, на некој начин се задоволни од целата ситуација во која тој се наоѓа, бидејќи го оттргнаа фокусот на Унијата од нив.

Постапките на Макрон не се изолиран случај, туку дел од шема, што може да ја наруши способноста на ЕУ да носи одредени одлуки, доколку некоја земја реши да застане самостојно зад одреден сериозен проблем.

– Не можете да ја обликувате Европа доколку ги малтретирате нејзините држави. Тоа можете да го постигнете со градењето цврсти сојузништва – заклучува Ламбертс.