Малите сипаници (морбили) се единствената болест кај луѓето која целосно може да биде искоренета и во теорија да нема ниту еден заболен на целата планета. Но, и покрај високо ефективната и безбедна вакција, морбилите се враќаат на голема врата во светски рамки, пишува „Гласот на Америка“ (ВОА).

Во првите три месеци од почетокот на година, Светската здравствена организација (СЗО) пренесува дека регистрирала трипати повеќе случаи од заразната болест, во однос на истиот период минатата година.

Во Африка, ституацијата е драстично полоша, каде има 700 отсто повеќе заболени споредбено со лани.

Националниот институт за здравје во САД предупредува дека намалувањето на стапката на вакцинација предизвикува повторно глобално појавување на оваа заразна болест, која честопати е и смртоносна. Трендот, освен во Африка, се забележува и во САД, Европа и во некои земји во Азија.

– Едно од десет деца кое ќе заболи од морбили ќе добие и ушна инфекција која може да предизвика и губење на слухот. Едно од дваесет можно е да добие пневмонија. Едно во илјада би добило отекување на мозокот (енцефалитис) и едно до три во илјада би го загубиле животот. Да се каже дека морбилите се тривијално заболување е целосно неточно – вели лекарот Ентони Фаучи, лекар кој го предводи истражувањето на заразната болест во Националниот институт за здравје во САД.

Како што велат од ВОА, а потврдуваат повеќе различни студии, решението за големите епидемии на мали сипаници е вакцинирањето со две дози на МРП-вакцината, за која е докажано дека не го зголемува ризикот за аутизам, и не активира аутизам кај деца за кои има ризик за појава на оваа здравствена состојба.