Севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун предизвика нови шпекулации поврзани со неговото здравје, откако на новообјавени фотографии се забележува дека тој видно ослабнал, пренесува „Гардијан“.

Јужнокорејската новинска агенција „Јонхап“ објави дека Ким, за кој се верува дека е на 37-годишна возраст, го има затегнато ремчето на неговиот рачен часовник, што покажува дека неговиот зглоб е помал во споредба со фотографиите објавени во декември минатата година и март годинава.

На фотографиите објавени од државните медиуми во саботата, неговото тело изгледа значително послабо. Ова е негово прво јавно појавување по неколку месеци. Националната разузнавачка служба на Јужна Кореја верува дека Ким претходно тежел 140 килограми, односно неговата тежина се зголемувала за 6-7 килограми годишно откако дошол на власт во 2011 година.

Ким пуши цигари и сиот свој живот има потешкотии поради неговата тежина и нездрав животен стил, а се верува дека неговиот татко Ким Јонг-ил почина во 2011 година поради срцев удар. Непознато е дали промената на изгледот на Ким е резултат на болест или негова свесна одлука да ослабне.

Една од можните причини е свесна одлука да ослабне е за да ја подобри неговата позиција во Северна Кореја, која се соочува со недостиг на храна и економска криза предизвикана од падот на трговијата со Кина за време на ковид-пандемијата, како и меѓународни санкции воведени како одговор на програмите за нуклеарни и балистички ракети.

Здравјето на Ким честопати беше извор на шпекулации во минатото. Во 2014 година, тој исчезна речиси шест недели пред повторно да се појави, но притоа си помагаше со стап за одење. Неколку дена подоцна, шпионската агенција на Јужна Кореја тврдеше дека тој бил подложен на операција за отстранување на циста од глуждот.

Згора, тринеделното отсуство од јавноста минатата пролет предизвика шпекулации дека Ким е сериозно болен откако бил подложен на операција на срцето, а според некои извештаи, се тврдеше дека тој починал. Најверодостојната теорија е дека тој одлучил да се изолира со своето семејство како мерка за претпазливост за време на пандемијата.