Ново истражување на Интерпарламентарната унија и Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) покажа дека појавите на сексизам, малтретирање и насилство врз жените се широко распространети во европските парламенти.

Во соопштението за извештајот, објавено на Интернет страницата на ПССЕ, се наведува дека 85 од жените пратеници биле предмет на психолошко насилство во парламентите, и оти повеќе биле малтретирани жените под 40 години. Жените од парламентарниот персонал почесто се подложени на сексуално насилство, отколку жените пратеници, а повеќето парламенти во Европа немаат механизми преку кои жените би се жалеле, утврди проучвањето.

Извештајот е базиран на детални интервјуа со 123 жени од 45 европски земји. Во примерокот, 81 од испитаниците се пратенички и 42 се вработени во парламентите. Извештајот ги потврдува заклучоците на истражување на Интерпарламентарната унија од 2016 година, кое открило неконтролирано малтретирање во парламентите врз полова основа.

Лилијан Мори-Паске, која е претседателка на ПССЕ, изјави дека новата студија констатирала „тажна реалност“.

– Движењето #MeToo не ги поштеди политичарите. Се додека постои нееднаквост меѓу жените и мажите, ниту една жена нема да биде заштитена од насилство и малтретирање. Но ние, жените и мажите во политиката, имаме лост кој ќе не претвори во двигатели на промена. Истанбулската конвенција е законски инструмент за превенција, заштита, прогон и, пред се, за уривање на сексистичкиот модел, изјави Мори-Паске.

Заедничката студија покажа дека пратеничките на возраст под 40 години почесто се изложени на различни форми на насилство, вклучувајќи ги и медиумите и социјалните мрежи. Покрај тоа, околу 40,5 проценти од интервјуираните млади парламентарни работнички пријавиле случаи на сексуално насилство на работа (наспроти 25 отсто кај жените пратенички), а во 69 отсто од случаите сторителите биле мажи. Една од испитаничките рекла дека нејзина колешка добивала СМС пораки со сексуална содржина од нејзиниот шеф пратеник, кој еднаш сакал да и влезе во нејзината хотелска соба со закана дека може да ја отпушти. Таа не потклекнала и се пожалила, но на крајот била принудена да замине, а мажот останал во парламентот, каде што е до денес.

Според анкетата, само 23,5 отсто од пратеничките и шест отсто од вработените пријавиле сексуално вознемирување против нив.