Повеќе од 750.000 граѓани на Европската Унија се пријавиле да останат во Велика Британија по напуштањето на блокот, рече министерот за внатрешни работи, Саид Џавид, во четвртокот.

Прашањето за тоа што ќе се случи со повеќе од три милиони граѓани на ЕУ кои живеат во Британија беше едно од првите за кои се разговараше во преговорите за излез од блокот. Британија соопшти дека на граѓаните на ЕУ ќе им биде даден рок до 31 декември 2020 година за да аплицираат за останување во земјата без разлика дали ќе биде одобрен договор за излез од ЕУ.

Меѓу оние кои веќе аплицирале најмногубројни се граѓаните од Полска, Романија и Италија.

– Граѓаните на ЕУ се наши пријатели, соседи и колеги кои многу придонесуваат за оваа земја. Без оглед на исходот на брегзит, сакаме да останат – рече Џавид во изјавата, додавајќи дека досега се примени над 750.000 апликации.

Според податоците објавени од неговото министерство,  вкупно 621.400 луѓе се пријавиле до крајот на април.

Затворени се вкупно 445.000 пријави, од кои една третина добиле постојан статус. Останатите добиле привремен статус и ќе можат да аплицираат за постојан откако ќе помиат пет години во земјата.