Повеќе од 60 луѓе починаа, а многумина се хоспитализирани овој месец по труење со алкохол од домашно производство во Индонезија, соопштија денеска властите.

Полицијата уапсила најмалку 12 мажи во главниот град Џакарта и соседната покраина заради сомнеж дека произведувале и продавале смртоносен алкохол. Меѓу состојките е откриено и средство против комарци, наведуваат властите.

– Станува збор за мешавина на состојки кои не се за пиење. Еден од уапсените измешал алкохол со лек против кашлица и средство против комарци. Сė уште вршиме тестови преку кои ќе ги откриеме сите состојки – изјави полицискиот портпарол Трунојудо Вишу Андико.

Тој уште додаде дека властите извршиле контрола на уличните продавачи на алкохол и заплениле илјадници шишиња.

Во мнозински муслиманската Индонезија има висока даночна стапка на алкохолот, заради што некои жители купуваат евтини течности од домашно производство. Медиумите објавија дека во 2016 година 36 луѓе починаа од труење со таков алкохол.