Авганистанските сили, со поддршката од САД, убиле двајца високорангирани талибански команданти и уште најмалку 38 бунтовници во заеднички воздушни напади во северните и западните региони на Авганистан, потврдија официјални претставници пренесе „Ројтерс“.

Операциите, што биле почнати вчеравечер, биле изведени за да се спречи планиран напад на талибанците врз авганистанските сили, изјави висок претставник на безбедносните служби во Кабул, додавајќи дека судирите ескалирале по пропаѓањето на дипломатските преговори меѓу САД и талибанците.

Министерството за одбрана соопшти дека е убиен талибанскиот командант за северната провинција Саманган, заедно со четворица други борци, иако талибанците тоа го негираат.

Во одвоен напад е убиен и талибанскиот командант за округот Анар Дара, заедно со, како што се наведува, уште 34 бунтовници.