Податоците покажуваат дека по 2016 година, над 350.000 Британци се одлучиле да побараат европски пасош, при што голем е бројот на оние што се откажале од британскиот пасош за да може да ги задржат своите права во ЕУ по брегзит, наведува „Гардијан“

Бројот на британски граѓани што аплицирале за пасош на друга земја-членка на Европската Унија значително се зголемил по референдумот за брегзит. Податоците покажуваат дека по 2016 година, над 350.000 Британци се одлучиле да побараат европски пасош, при што голем е бројот на оние што се откажале од британскиот пасош за да може да ги задржат своите права во ЕУ по брегзит, наведува „Гардијан“.
Блиските историски врски помеѓу Даблин и Лондон ја ставија Ирска на прво место на листата на земји во кои има најголем број Британци со двојни државјанства. Во 2015 година, околу 32.000 државјани на Северна Ирска и на Британија аплицирале за добивање ирски пасош, додека, пак, во 2019 година бројката достигнала 131.817 нови барања, при што само на Британија отпаѓаат речиси 55.000 апликации.

Но зголемен број Британци со двојно државјанство е регистриран и во Германија и во Франција, каде што има десеткратен пораст на натурализацијата на британските граѓани. Според „Гардијан“, во периодот 2016-2020 година, речиси 360.000 лица родени во Британија аплицирале за добивање пасош во девет земји-членки на ЕУ.
Интересно е тоа што иако илјадници Британци работат во Брисел, бројот на барања за белгиски пасош е релативно низок. Сепак, податоците покажуваат дека и во Белгија постои зголемување на трендот за натурализација на Британците. Па, така, во 2019 година 1.403 Британци станале белгиски државјани, во споредба со 506 случаи во 2016 година.

Како што потсетува британскиот весник, најголем пораст на бројот на Британци што бараат странски пасош е забележан во Германија и во Франција. Па, така, во 2018 година 6.640 Британци станале германски државјани, во споредба со 622 натурализации во 2015 година. Во Франција, каде што живеат голем број Британци, бројките се исто така релативно мали, трендот е ист: во 2015 година само 320 Британци добиле француско државјанство, додека, пак, во 2019 година нивниот број се искачил на 3.827 лица.