Најмалку 17 лица загинаа во невремето што оваа недела ја погоди Италија, а во поплавата кај Палермо, во Сицилија, девет лица го загубија животот викендов.
Италијански медиуми јавуваат дека реката, која надошла од обилниот дожд, преплавила куќи во руралната област кај Палермо, при што загинале девет лица – членови на двете семејства, кои заедно го поминувале викендот.

Италијански медиуми јавуваат дека две лица исчезнале во близината на Сицилија, откако поројот ги однел нивните автомобили, меѓу кои и автомобилот на лекар, кој се упатил во болницата во Корлеоне.

Обилни дождови завчера наврнаа во Сицилија, неколку дена откако бури погодија голем дел од северна Италија. Две лица деновиве настрадаа од удар на гром. Едниот од нив, турист од Германија. Повеќето од оние што го загубија животот, настрадаа поради урнати дрвја.

Според процената на Здружението на италијанските компании, околу 14 милиони дрвја се уништени во невремето. Најголема штета претрпе областа околу Венеција, каде што поради одрони селата и патиштата беа отсечени.