УРНАТ ЦРНИОТ РЕКОРД

Вооружените групи продолжуваат да прават злосторства кога станува збор за децата, но регистриран е и значителен пораст и на прекршоците на меѓународните сили во споредба со 2017 година, се предупредува во најновиот годишен извештај на Обединетите нации

Над 12.000 деца се убиени во оружените конфликти во светот во текот на минатата година, што претставува нов црн рекорд. Вооружените групи продолжуваат да прават злосторства кога станува збор за децата, но регистриран е и значителен пораст и на прекршоците на меѓународните сили во споредба со 2017 година, се предупредува во најновиот годишен извештај на Обединетите нации.

Групите за човекови права, меѓу кои и „Хјуман рајтс воч“, остро реагираа на новиот извештај, поради активностите на коалицијата во Јемен, предводена од Саудиска Арабија, која и понатаму се наоѓа на листата земји што наводно имаат мерки за заштита на децата на теренот и во конфликтните жаришта. Тие наведуваат дека во Јемен е забележан поголем број на детски жртви, за кои директно се одговорни и војниците на оваа коалиција.

– Коалицијата предводена од Саудиска Арабија сторила ужасни прекршоци против децата во Јемен од 2015 година и нема никакви докази дека ги подобруваат работите. Со тоа што уште еднаш се најдоа во „не толку лоша“ категорија на сериозни реформатори, генералниот секретар Антонио Гутереш му се потсмева на овој извештај – изјави Луј Шарбоне, претставник на „Хјуман рајтс воч“.

Програмската директорка на оваа организација, Адријан Лапар, истакна дека пофалбите на „празните ветувања“ на саудиската коалиција, кријат опасни последици на војната против децата и ги игнорираат фактите на теренот. Лапар исто така посочи дека Камерун и Украина не се наоѓаат во извештајот.

Од друга страна, Гутереш порача дека е многу загрижен поради многубројните и сериозни престапи против децата во текот на 2018 година, а особено поради големиот број жртви. Во текот на 2018 година е забележан најголем број на детски жртви и повреди од 2005 година, откако се води статистиката за овој проблем. Лани најмногу настрадани деца имало во Авганистан, каде што се убиени 3.062 деца.


НАТО убило повеќе цивили во Авганистан отколку талибанците

НАТО и авганистанските сили убиле повеќе цивили во Авганистан отколку талибанските бунтовници и другите екстремисти, се наведува во заклучокот на извештајот на Обединетите нации, што ги опфаќа само првите шест месеци од оваа година. Повеќето од цивилите се убиени во текот на воздушните напади на НАТО и ноќните рации на авганистанската војска против упориштата на екстремистите, кои често се кријат помеѓу цивилите. Во првите шест месеци од оваа година во Авганистан се убиени 717 цивили – авганистанските сили усмртиле 403 лица, додека, пак, коалициските сили предводени од САД се одговорни за смртта на 314 цивили. Од друга страна, пак, талибанците и припадниците на најразличните екстремистички групи во истиот период убиле 531 цивил.