Истражување на Европската конфедерација на синдикати

Животот со пандемијата, која трае веќе две години, создаде несакана клима, во која државите од светот се соочуваат со опасност од недостиг од енергенти.
Во пресрет на зимата, која според многумина ќе биде најголемиот тест за државите, веќе започна и битката за ресурси, а некои држави поради растот на цената на енергијата се соочуваат со сериозни проблеми како да им овозможат достоен живот на своите граѓани.
Бриселски „Еуроњуз“ информира дека ако минатата зима беше тешка со корона-кризата, тогаш претстојната ќе биде уште подраматична. Угледниот медиум, повикувајќи се на анализа на Европската конфедерација на синдикати, наведува дека поради премногу ниските плати и растот на цената на енергијата низ Европа, над три милиони луѓе на Стариот Континент ќе останат без греење и покрај тоа што се вработени. За ваквите загрижувачки информации истражувањето ги посочува зголемувањето на сиромаштијата меѓу работниците во ЕУ, но и ниската минимална плата во еврозоната, со која поради растот на цените тешко може да ги покрие основните потреби на граѓаните.

Според документот на Европската конфедерација на синдикати, станува збор за 15 проценти од европските работници чии плати не се доволни за греење во зимските месеци. Истражувањето наведува дека многу граѓани во земјите во ЕУ не можат да си дозволат греење иако се вработени. Па, така, речиси 45,6 отсто од граѓаните во Кипар поради ниските плати нема да се во можност да си обезбедат греење оваа зима. Во Бугарија таа бројка изнесува 42,8 отсто, додека во Португалија 30,6 отсто, а во Италија околу 26 отсто од населението не е во можност да се стопли оваа зима.
Статистичката опсервација исто така посочува дека во споредба со 2009 година, сега дури во десет држави низ ЕУ е зголемен уделот на сиромашните работници. Во тој контекст, неодамна европските синдикати го повикаа Европскиот парламент да ги заштити работниците од енергетска сиромаштија со воведување „праг на пристојност“ во нацрт-директивата за минимални плати, која би обезбедила законски пропишаните минимални плати да гарантираат пристоен животен стандард.
– Во Европа милиони лошо платени работници мораат да избираат помеѓу тоа дали ќе ги затоплуваат своите домови или ќе го прехранат своето семејство или ќе платат станарина, и покрај тоа што работат полно работно време. Тоа е неприфатливо и ја поткопува поентата на постоењето на минимална плата – изјави заменичката на секретарот на Европската конфедерација на синдикати, Естер Линч.