Резултатите од европските избори го изразуваат отпорот на гласачите кон централизацијата на ЕУ

Спротивставените концепти за реформирање на ЕУ предизвикуваат внатрешни судири, кои може да доведат до глобални конфликти. Историјата нѐ учи дека Европа има голем потенцијал регионалните судири да ги претвори во глобални воени судири. Иако ова изгледа неразумно, вреди да се издвои како размислување на некои авторитетни аналитичари што сметаат дека превентивниот пристап (и отворањето дури и на најирационалните прашања) доведува до отворање различни перспективи за нивно навремено решавање

Резултатите од мајските европски избори го изразуваат сѐ поголемиот отпор на гласачите кон централизацијата на ЕУ. Аналитичарите на „Геополитика“ сметаат дека пренесувањето на суверенитетот од националните држави кон наднационалните тела на ЕУ, односно потиснувањето на поимот за националните држави и наметнувањето екстремен социјален и економски либерализам под превезот на наводно неизбежниот глобализациски процес се целосно промашување.

Во ЕУ се води вистинска битка меѓу два спротивставени блока на суверенисти и на федералисти. Првите бараат враќање на националниот суверенитет на државите и рамноправност во Унијата, а вторите се залагаат за централизација на ЕУ, при што членките би загубиле најголем дел од надлежностите што ги имаат суверените национални држави. ЕУ во моментот е растргната меѓу своите потенцијали и ограничувања и е опколена од глобалните сили со спротивставени интереси, САД, Русија и Кина.

Двата концепта за редефинирање на ЕУ генерираат тешки внатрешни конфликти

Концептите за реформирањето на ЕУ предизвикуваат внатрешни судири, кои може да доведат до поголеми глобални конфликти. Историјата покажува дека само Европа има потенцијал регионалните судири да ги претвори во светска војна со катастрофални последици. Британскиот историчар Ниал Фергусон посочува дека Европа отсекогаш била дом на идеи што го менувале светот, но и на идеологии што промовирале напредок (либерализмот) или, пак, поведувале светски војни (нацизмот, фашизмот). Според францускиот аналитичар Максим Тандоне, во Европа повторно се води идеолошка војна, која може да биде погубна за целиот европски континент, па и за целиот свет.

– Противниците на ЕУ и приврзаниците на ЕУ, кои првите ги сатанизираат како популистичка чума, водат идеолошка војна одвоена од реалноста – вели тој.
Американскиот експерт и основач на приватната компанија за геополитички анализи „Стратфор“, Џорџ Фридман, посочува дека прашањето за националниот суверенитет и за надлежностите на ЕУ не е решено уште од самиот почеток на европскиот проект, бидејќи малку европски влади се подготвени да им ги препуштат сите ингеренции на паневропските институции.

ЕУ не е мултинационална држава

– ЕУ не е мултинационална држава, но Европскиот парламент ја отсликува идејата за Европа како единствен политички ентитет. Остатокот од ЕУ го одразува фактот дека суверените национални држави се здружиле во договорна организација и дека избраните влади на овие национални држави ја задржуваат власта над ЕУ, како и над својот национален суверенитет – посочува Фридман
Тој објаснува дека европските бирократи постојано инсистираат на централизирање на ЕУ и дека во рамките на Унијата се врши прераспределба на богатството во корист на моќните членки, а на штета на послабите. Тоа, според него, се прави преку наметнување на начелата на економска ефикасност и применување на мерките на штедење, кои навистина доведоа до економски пораст, но и до уште поголема социјална нееднаквост, што е цената што требаше да се плати од спроведувањето на таквата стратегија. Тоа, пак, ескалира со т.н. грчка криза, која предизвика траен раскол помеѓу развиените членки на ЕУ, предводени од Германија, и јужните членки со проблематични економии. Имено, политиките и мерките што ги спроведуваше бриселско-германската елита беа во функција на пренесување на богатството од послабите земји на ЕУ кон европскиот центар. Според Фридман, сето тоа резултира со јавната перцепција дека целта на барањата на центарот на ЕУ да се почитуваат европските вредности е исклучиво за остварување на интересите на европската елита.

Емигрантите ја раскринкаа Европа

Дополнителни поделби во ЕУ се создадоа во однос на прашањата за имиграцијата, односно по германските настојувања на европскиот пазар да се доведе работна сила од Северна Африка и од Блискиот Исток, со што значително би се намалила европската цена на трудот. Притоа, изостана расправата за битните прашања, како на пример дали принципите на ЕУ можат да ги натераат земјите-членки што не се согласуваат со овој план да прифатат имигранти. Таквиот пристап одново го отвори основното прашање за границите на моќта на ЕУ и за суверенитетот на националните држави-членки.
– Во изминатите десетина години, центарот на ЕУ се соочи со британскиот референдум за напуштање на Унијата, грчката криза, изборот на непослушни влади во Полска и во Унгарија, кои ги следеа желбите на своите гласачи, а не ЕУ, и одлуките на Владата на Италија, која се спротивстави на обидите на ЕУ да ѝ наметне решение за финансиската криза – вели тој.

Се разбира, нагласува Фридман, Брисел или центарот на ЕУ реагираше со демонизирање на сите овие центрифугални сили, па ширењето на движењата против естаблишментот ги оквалификува како подем на популизмот. Овие движења се враќање кон она што Европа отсекогаш беше и што никогаш не го напушти, наспроти сите напори на ЕУ. Изразувањето на националните суверенитети повторно се засили, поставувајќи барања ЕУ да се третира како договорна заедница, а не како наднационална држава, која може да определи кој ќе биде против одлуките на националните држави на нивната територија.

Европските институции ја губат контролата над ситуацијата

– ЕУ е создадена за да ги усогласи таквите односи, но очигледно ја губи контролата над ситуацијата, што секогаш се случуваше со оние што веруваат дека имаат право да владеат, а не можат да ја прифатат идејата дека тоа право има граници. Факт е дека изборите за Европскиот парламент покажаа дека партиите на центарот полека ја губат контролата над политичкиот систем. Затоа, одлуките нема да се носат во Европскиот парламент, туку во националните парламенти, кои се директни претставници на своите граѓани. Претпоставувам дека уште една економска криза или обид на европската елита да наметне правила врз послабите членки, особено во врска со имиграцијата, може да ја наруши сѐ послабата структура на ЕУ – заклучува Фридман.

Во таква атмосфера растат внатрешните тензии во ЕУ и се враќаат демоните од минатото што доведоа до огромни конфликти на Стариот Континент. Така, Грција бара од Германија воена отштета за Втората светска војна, Германија повторно расправа со Чешка за судетските Германци, се изразуваат територијални претензии кон Хрватска и Словенија, за што беше критикуван и италијанскиот претседател на Европскиот парламент, Антонио Тајани, се зголемуваат тензиите меѓу Унгарија и Словачка и Унгарија и Романија, а низ Европа можат да се видат и карти со старо-нови граници. ЕУ, заклучуваат аналитичарите на „Геополитика“, притисната од геополитичките интереси на САД, Кина и Русија, наместо да гледа кон иднината, сѐ повеќе се врти кон минатото и нерешените прашања за загубените територии, слава и моќ.

Малку национални држави се подготвени да им го предадат суверенитетот на наднационалните институции на ЕУ, вели Џорџ Фридман од Стратфор