Поранешната сопруга на пакистанскиот премиер Имран Кан тврди дека Кан од претходно знаел за плановите на Индија за укинување на автономијата на Кашмир, па дури и се обидел да преговара со Њу Делхи, пренесува РТ.

На почетокот на месецот Индија го укина повеќедеценискиот самоуправен статус на Џаму и Кашмир, дел од спорниот регион Кашмир, што го контролира од крајот на 40-тите години на минатиот век. Пакистан, кој смета дека целиот Кашмир е нејзина територија, жестоко го критикува овој потег и вети дека ќе побара поддршка во ОН.

Поранешната сопруга на Имран Кан, Рехам, сега тврди дека премиерот знаел за плановите на Њу Делхи и дури и се обидел да се договори со индискиот лидер Нарендра Моди.

– Јас би рекла дека Кашмир е продаден. Вашиот премиер Имран Кан дента кога требаше да даде политичка изјава за Кашмир, стана и рече: ‘Знаев дека Моди ќе го стори тоа. Го знаев тоа кога се сретнав со него во Бишкек и тој беше груб кон мене’. А кога го знаете сето ова и не правите ништо, тогаш тоа значи дека не сте способни да направите нешто или сте многу слаби – изјави таа за „Њу Индијан експрес“.

Британско-пакистанската новинарка и авторка, Рехам Кан, беше во брак со Имран 10 месеци во 2015 година.

Ова не е прв пат Рехам да го критикува својот поранешен сопруг. Во јунското интервју за „Хинду“, таа го нарече Имран Кан „идеална марионета на војската која нема познавање за многу сложени теми“. Минатата година таа објави контроверзни мемоари со многу провокативни тврдења за политичкиот и личниот живот на Имран Кан.