Рускиот опозиционер Алексеј Навални најави дека ќе го тужи портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Тој побара наводните докази за неговата работа со ЦИА јавно да се објават.

– Ако властите, во име на кои Песков зборува, имаат докази за бесмислиците за кои зборуваат, тогаш тоа е работа на руската државна безбедност и барам тие докази да се објават – напиша Навални на својот блог.

Песков претходно изјави дека тврдењата на Навални дека зад неговото наводно труење стои претседателот на Русија, Владимир Путин, се неприфатливи, неосновани и навредливи, но дека може слободно да се врати во Русија.

– Не дека тој работи со западните разузнавачки агенции, туку западните разузнавачки агенции работат со него. Всушност, постојат информации за тоа и можам да прецизирам дека експерти од Централните разузнавачки агенции на САД работат со него – рекол Песков.