ЕУ бара ослободување на рускиот опозиционер

Возење со автобус преку пистата и кратка прошетка низ терминалот, беше слободата која ја доби Алексеј Навални по враќањето во Русија, пред да биде задржан од полицијата која го чекаше на пасошката контрола, пишува „Фајненшл тајмс“.

Апсењето на Навални кој е познат како најжестокиот критичар на рускиот претседател Владимир Путин, беше дочекано со осуда од западните влади, со што повеќе земји-членки на ЕУ се закануваат со санкции за Русија, ако Кремљ не го ослободи 44-годишниот опозиционер.

Литванското министерство за надворешни работи соопшти дека „државата веднаш ќе го покрене прашањето за најдобриот можен одговор на ЕУ во однос на затворањето и кривичното гонење на Навални, како и за нови санкции против Русија“.

 – Се чини дека Навални, кој се осмели да ја предизвика владата, направи уште една несреќна грешка. Тој преживеа – кажа Габрелиус Лансбергис, шефот на литванската дипломатија.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, го окарактеризира апсењето на Навални како „неприфатливо“ и повика на негово пуштање. Таков став изрази и германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас.

 – Потполно е несфатливо дека тој беше уапсен веднаш по пристигнувањето, од страна на руските власти. Русија преку нејзиниот устав и меѓународните закони е обврзана да ги почитува владеењето на законот и заштитата на граѓанските права. Овие принципи треба да важат и за Алексеј Навални. Тој треба да биде ослободен веднаш – кажа Мас.

Апсењето на Навални го осудија и американскиот државен секретар во заминување, Мајк Помпео, како и Џејк Саливан, кој е предложен од новоизбраниот претседател Џо Бајден за советник за национална безбедност.

Навални беше упасен по враќањето од Берлин, каде што закрепнуваше од обидот за негов атентат, извршен во август, поради наводно прекршување на правна спогодба од 2014 година, што би можело да резултира со негово затворање на три и пол години. Поддржувачите на Навални тврдат дека неговото апсење е со цел да го спречи да се кандидира на претстојните парламентарни избори во септември.

Портпаролката на руското министерство за надворешни работи, Марија Захарова, ги отфрли коментарите од странските функционери, повикувајќи ги да го почитуват меѓународното право и да не се мешаат во националното законодавство на суверените држави, туку да се справуваат со проблемите во сопствените земји.

ЕУ наметна санкции за шест руски функционери за кои веруваше дека се вмешани во труењето на Навални, но дел од европските политичари тогаш бараа од Брисел да стори повеќе.